Левица продолжува „да трола“ со амандманите: „По 20 часот, пратениците се должни да носат пижами“

„Еве ја цела апсурдност и нелогичност на блокирањето на Собранието од страна на опозицијата. Еве го односот на Мицкоски и дел од пратениците од опозицијата кои дејствуваат по неговите опасни насоки“, се пожали, покрај СДСМ, и премиерот Зоран Заев, за илјадниците амандмани на опозицијата кон предлогот на Талат Џафери за онлајн работа на пратениците кои ќе бидат афектирани од Ковид-19.

СДСМ претходно објави дел од креативните мајтапења на пратениците од Левица, со цел да покаже колку несериозна и деструктивна е опозицијата. Заев, пак, ги оценува како „срамна непочит кон македонските граѓани“ и повика „пратениците од опозицијата да не посегнуваат кон загрозување на помошта за лозарите, пензионерите, самохраните родители, филмските работници, за сите граѓани“.

Меѓутоа, на добар дел од граѓаните, се чини, навикнати низ годините да гледаат секакви циркуси во законодавниот дом, не им пречи малку саркастично исмевање на системот и на оние што во (нај)голема мера го обликуваат. На пратеникот и претседател на Левица, од друга страна, очигледно воопшто не му пречи да ги сподели и амандманите кои владејачката СДСМ пропушти да ги објави, па во стилот „кад је бал, нек је маскенбал“ Апасиев продолжува да ја „трола“ власта со досетките на малата парламентарна партија.

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

Така на пример, во еден од амандманите, Апасиев бара „Доколку пратеникот е пратеник од опозицијата, при учество на пленарната седница од далечина мора во позадина да ја има пуштено ‘Пада Влада’ од Бајага“. Како е наведено во образложението, целта е пратениците да докажат дека се подготвени да дејствуваат како вистинска опозиција.

Во друг амандман, пак, Левица бара пратениците кои ќе учествуваат на седница од далечина, по 20 часот задолжително да носат пижами.

Шегата на страна, Апасиев ја објасни целта на ваквото исмевање со Собранието уште пред три дена (како и во повеќе прилики претходно):

„Според логиката на спикерот Џафери, правото на амандмански ФИЛИБАСТЕРИНГ у Собрание е вродено и загарантирано само за ДУИ. Оти, нели, само они смеат да поднесат 15.500 амандмани против Законот за бранители и 5.500 против Изборниот законик. Ама кога Левица ќе поднесе 1.400 амандмани против неуставниот Деловник, ондак тоа е ‘деструктивност’!? Бре, мајката“, порача тој на социјалните мрежи.

- Реклама -