Шефот на државата „нема да ја коментира“ изјавата на Заев дека не бил искусен во политиката, а ни дека „во неговата душа е сонот за големо пријателство“

„Претседателот Стево Пендаровски нема да ги коментира ставовите изнесени во интервјуто на премиерот Зоран Заев“, соопштиле од Кабинетот на претседателот на државата – Стево Пендаровски, за „Гласот на Америка“, откако премиерот Зоран Заев, во интервјуто за бугарската БГНЕС, го оцени како „недоволно искусен во политиката“.

Од Кабинетот на Пендаровски додаваат и дека дел од искажаните ставови од страна на Заев во интервјуто, се косат со ставот и изјавите на претседателот дадени во јавноста околу новонастаната состојба со Бугарија, ветото и барањата на официјална Софија.

Во интервјуто, премиерот Заев, во името на целиот државен врв, вклучително и на Пендаровски, се огради од неодамнешните акти на „говорот на омраза“ кон Бугарија во државава, со порака дека тоа владата ќе се спротивстави на таквите и нема да дозволи тие да им штетат на државните интереси и добрососедските и пријателските односи меѓу двете земји.

Оценката за недоволното искуство на претседателот на државата во политиката, следуваше откако бугарскиот новинар посочи на изјава на Пендаровски

„Во врска со ова, претпоставувам дека се оградувате од изјавата дека Бугарија е Живковистичка земја? Претпоставувам дека Стево Пендаровски знае дека Тодор Живков не бил на власт 30 години?“, гласеше прашањето.

„Секако дека претседателот знае. Верувајте ми, претседателот Пендаровски е пријател на Бугарија. Тој не е толку искусен политичар како Зоран Заев, бидејќи пред тоа работеше за Борис Трајковски, Бранко Црвенковски, тој беше национален координатор за НАТО во мојата влада. Тој е сериозна јавна личност и е целосно посветен на пријателството со нашите соседи и Република Бугарија, и секако, на интеграцијата во НАТО и ЕУ. Претпоставувам дека понекогаш јас, не само тој, не сум доволно внимателен да употребувам зборови. Искрено ви кажувам дека во неговата душа и ум е само желбата, сонот за големо пријателство што мора да го изградиме и тој е голем поддржувач на Договорот меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија“, рече Заев.

- Реклама -