По повод злоупотребата на историјата со која владата на Република Бугарија се заканува со блокада на почетокот на преговорите меѓу Брисел и Скопје, група историчари од регионот, поточно пост-југословенските земји, испрати „Протест против злоупотребата на историјата во процесот на европската интеграција на Северна Македонија“.
Се работи за група историчари кои на 13 јуни ја потпишаа и презентираа декларацијата „Да ја одбраниме историјата“, во која се залагаат против злоупотреба на историската наука од страна на историчарите и политичките елити во регионот, односно „намерното и искривување на претставата за минатото, прилагодување на минатото заради современи политички потреби, издвојување и нагласување на посакуваните и фабрикување на непостоечки податоци, селекција на историските извори, исфрлување на сé она што не им одговара на политичките идеи и програми“.
Како што се наведува во протестното писмо, судирите околу историјата и историските симболи одново се важна политичка тема во Југоисточна Европа, со тоа што во последните месеци владата на Република Бугарија се заканува со блокада на преговорите меѓу Брисел и Скопје за членство во ЕУ, барајќи од Северна Македонија да ја прифати „историската вистина“ дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени и дека македонската нација ја создале Тито и Коминтерната.
„Поаѓајќи од ставовите изразени во Декларацијата ‘Да ја одбраниме историјата’, ние, потписниците на ова писмо, изразуваме протест и осуда на овој случај на историски ревизионизам и злоупотреба на историјата во политички цели. Сметаме дека таквиот пристап е опасен не само за историјата како хуманистичка дисциплина, туку и за демократијата и просперитетот на регионот, но и самата Европска унија. Наметнувањето на ‘историски вистини’ е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начинот на кој настанале и сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право“, се вели во текстот.
Поради наведеното, потписниците бараат од историчарите во Северна Македонија и Бугарија, но и во сите земји во регионот, да бидат професионални и да се спротивстават на злоупотребата на својата научна дисциплина.
„Од политичарите бараме да водат одговорни политики, да не ги поддржуваат историчарите кои поттикнуваат националистички конфликти и да не вршат притисоци кои доведуваат до фалсификување на минатото. Од европските институции и држави бараме да реагираат на злоупотребата на историјата, почитувајќи ги основните принципи на Европската унија кои овие денови се загрозени на Балканот и во Европа, како што се различностите, антифашизмот и демократијата. Европската унија е создадена како лек против лошите искуства од минатото и затоа не дозволуваме со искривување на историјата да се уништуваат принципите на кои се темели идејата за обединета Европа“, се наведува во писмото.
Според потписниците, писмото го поддржале и интелектуалци и историчари во Македонија и Бугарија кои отворено се спротивстасвуваат на политичките притисоци и се борат за заштита на својата професија и професионални стандарди.
„Само солидарни можеме да ги совладаме сериозните препреки кои стојат пред нас“, се вели во текстот потпишан од проф. д-р Дубравка Стојановиќ од Универзитетот во Белград, проф. д-р Хуснија Камберовиќ од Универзитетот во Сараево, проф. д-р Твртко Јаковина од Универзитетот во Загреб, проф. д-р Божо Репе од Универзитетот во Љубљана, доц. д-р Аднан Прекиќ од Универзитетот во Црна Гора, д-р Сњежана Корен од Универзитетот во Загреб, д-р Миливој Бешлин од Универзитетот во Белград, и други.
Како што најавија тие, протестното писмо ќе биде испратено и до Брисел и на други адреси
Декларацијата „Да ја одбраниме историјата“, од друга страна, досега има над 600 потписници, од кои најголемиот дел историчари. Објавена е на повеќе јазици, не само од регионот туку и светски, а секако – и на македонски јазик. Можете да ја прочитате ТУКА.