Јотова: Бугарија треба да остане на тврдата позиција за Северна Македонија

„Каква промена и да има, Бугарија треба да остане на својата тврда позиција од заклучоците од Консултативниот совет за национална безбедност кои беа усвоени кај претседателот минатата есен, како и од последователната рамковна позиција на Министерскиот совет и декларацијата на Народното собрание“, вели за БГНЕС потпретседателката на Бугарија – Илијана  Јотова. „Компромис со нашата историја не може да има, уште повеќе во ситуација кога има претензии или потенцијлни претензии за во иднина“.

Јотова истакна дека е доста загрижена од она што се случува:

„Само до пред една година сметав дека сите точки од Договорот за добрососедство ќе станат дел од европската рамка кога ќе започнат преговорите со РС Македонија. Имавме уверенија од разни форуми, не само од Советот на министри за надворешни работи, на Советот за општи прашања…

Вака или онака, од пред неколку месеци, темата се покрена со полна сила, како до тој момент да не сме имале никакви претходни договори. За мене останува загатка каде се прекрши линијата и зошто од страна на македонската држава  започнаа да се јавуваат претензии кои дотогаш ги немавме слушнато. Тие започнаа да го оспоруваат текстот на Договорот за добрососедство. Јасно е дека од самиот почеток договорот требаше да биде придружен од еден анекс кој категорично ќе зборува за нашето историско минато“. Доколку тоа беше случај, вели Јотова, прашања што се покренуваат денес немаше да ги има.

Прочитајте и:  ЈСП ќе добие шест еколошки автобуси донација од ЕУ

Понатаму, Јотова ја сумираше ситуацијата во која се наоѓа Бугарија, според неа:

„Бугарија се наоѓа под мониторинг на Советот на Европа во однос на барањата на една организација за македонско малцинство. И покрај напорите од многу страни, тој текст и мониторинг продолжуваат. Задача на бугарските народни претставници е тој мониторинг да падне час поскоро, во најмала рака затоа што е правно неоснован. Бугарскиот Устав не подразбира малцинства. Го давам овој пример за да потцртам дека категорично треба да биде запишано во преговарачката рамка со РС Македонија – како по однос на идните евентуални територијални претензии, така и по однос на малцинствата – така и јасниот текст за јазикот“, рече бугарската потпретседателка за БГНЕС.

- Реклама -