Левица: Џафери одбива да ја стави Декларацијата за осуда на бугарските претензии на дневен ред

„На денешната пленарна седница на Собранието на РМ, нашиот пратеник Димитар Апасиев предложи, како прва точка на Дневниот ред, да се стави Предлог-ДЕКЛАРАЦИЈАТА на Левица за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии, којашто двајцата пратеници ја поднесоа уште на 21 октомври 2020, а спикерот Талат Џафери сѐ уште ја игнорира и самоволно одбива да ја стави на расправа во Собранието“, реагираат од партијата, од каде се повикуваат на чл. 14 од Законот за пратениците и чл. 69 од Деловникот на Собранието на РМ, кој предвидува дека секоја втора редовна седница претседателот е должен да стави точка на дневен ред по барање на парламентарната опозиција.

„И денес тој, спротивно на Деловникот на Собранието на РМ, не допушти да се расправа по Декларацијата – по што нашите пратеници ја напуштија салата. По изгласувањето на дневниот ред, позицијата немаше доволно мнозинство да продолжи со работа, по што седницата беше прекината“, информираат од Левица.

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

Како што претходно соопштија, нивните пратеници Димитар Апасиев и Борислав Крмов уште пред повеќе од една недела поднесоа официјално писмено барање за ставање на Предлог-декларацијата како точка на дневен ред за 21-вата пленарна седница.

„Очекуваме од спикерот Талат Џафери да ја исполни оваа своја деловничка должност и веќе на следната планирана седница да се расправа за ова горливо прашање поврзано со нашиот национален идентитет“, порачаа тогаш од партијата.

- Реклама -