Левица поднесе предлог Декларација до Собранието за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии

Пратениците од Левица – Димитар Апасиев и Борислав Крмов, по повод утрешниот државен празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, до претседателот на Собранието – Талат Џафери, поднесоа предлог Декларација за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии.

На прес-конференција од Собранието, прва на Левица, пратеникот и претседател на партијата – Димитар Апасиев, ги соопшти десетте точки во Декларацијата што ја предлагаат, односно нивните барања:

1. Отфрлање на бугарскиот таканарачен Објаснувачки меморандум што Софија го испрати до ЕУ – како недоличен шовинистички акт кој ги урива добрососедските односи меѓу двете земји и поставува нереални, максималистички и експанзионистички барања кон македонската Република, под закана од таканаречено бугарско вето за одржување на првата Меѓувладина конференција на ЕУ со Македонија

2. Македонското име, јазик, култура, идентитет, историја, национална свест и самобитност – како апсолутно, суверено, нераскинливо и неотуѓиво универзално колективно право на македонскиот народ – да не можат да бидат дел од никаква странска билатерална замешателна агенда или, пак, мултилатерална преговарачка рамка за членство во било кој меѓународен сојуз или организација

3. Владата на Република Македонија, а особено од премиерот, вицепремиерот за европски прашања и министерот за надворешни работи „да бидат поагилни, подржавнички и пожестоки во нивните дипломатски напори за одбрана од намерните иредентистички напади и провокации кои доаѓаат од страна на (нео)врховистичките, ‘михајловистичките’ и великобугарските центри на нашиот источен сосед, со цел зачувување на македонското национално чувство, дигнитет и припадност, кои во XXI век се брутално негирани и оспорени на еден крајно дрзок, недостоинствен, примитивен, омаловажувачки и нецивилизиран начин, кој нема ништо заедничко со европските просветителски и хуманистички вредности“.

4. Претседателот на државата, како своевиден „Татко на нацијата“ и dominus во надворешната политика, со сите свои ресурси и капацитети да се стави во проактивна патерналистичка улога на заштитување на македонските национални интереси на меѓународно ниво, како и да ги употреби сите расположливи средства за доаѓање до историската вистина за злосторствата извршени од страна на бугарскиот фашистички окупатор на територијата на Македонија (Вардарска, Пиринска и Егејска) за време на Втората светска војна – како тогашни горди сојузници на Хитлер и Мусолини во Тројниот пакт, т.е. Оската на злото „Рим-Берлин-Токио“.

5. Македонската страна официјално да го покрене на „зелена маса“ круцијалното прашање за правата и статусот на непризнаеното македонско национално малцинство во соседна Бугарија (Пиринска Македонија), но и официјално државата да побара извинување од бугарските власти за сите сторени историски неправди, ѕверства и злосторства врз Македонците – како искрен чин на братско помирување и човекољубие.

6. Лидерите на политичките партии да донесат суштински потребна стратегиска Македонска платформа за националните интереси на македонскиот народ, со која ќе се дефинираат државните „црвени линии“ на внатрешен и надворешен план и точно ќе се назначат прашањата за кои никако и со никого не смее да се преговара – во идниот процес на ЕУ интеграција (унитарност, секуларност, територијален интегритет, државни симболи, инсигнии, име, јазик, идентитет и сл.).

Прочитајте и:  Левица поднесе интерпелација против Илире Даути за блокадата на законот за бранители

7. Итно да престане со работа некредибилната т.н. Заедничка меѓувладина експертска комисија со Бугарија, поради непрофесионални и манипулативни тенденции за историски ревизионизам, квазинаучни шпекулативни фалсификувања и контроверзна рехабилитација на големобугарските фашистички идеи, како и поради обиди за омаловажување на ликот и делото на апостолот Гоце Делчев и на други видни личности и великани од македонската античка, средновековна и нововековна историја и многугенерациска борба за македонска државност, автономија и независност.

8. Сите релевантни академски и научно-образовни инстутуции и поединците кои работат во нив (МАНУ, Институтот за национална историја, Институтот за македонска литература, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, универзитетите и факултетите), како и медиумите, невладините организиции за заштита на човековите слободи и права и другите јавни личности во Република Македонија и во дијаспората (Европа, Америка и Австралија) – без разлика на нивната политичка, верска или етничка припадност – во организиран Отпор и борба против негирањето, злоупотребата и искривоколчувањето на минатото, со цел ширење на непотребни тензии, непријателска пропаганда и ксенофобија од позиција на моќ.

9. Оваа Декларација под итно да се достави до ООН, Советот на Европа, ЕУ, ОБСЕ-ОДИХР, Европскиот парламент, до владите на сите полноправни земји-членки и земји-кандидатки за членство на ЕУ, како и до други сродни меѓународни организации и пријателски народи.

10. Декларацијата веднаш да се објави во „Службен весник на Република Македонија“ и да влезе во сила истиот ден, како општ парламентарен став за ова прашање од пошироко општествено-политичко значење.

Како што посочи Апасиев на прес-конференцијата, одговарајќи на новинарско прашање, се работи за самостојна иницијатива на пратениците на Левица од левичарска појдовна точка, без претходен договор или консултација со друга политичка партија. Тој истакна дека целта е да се отвори дебата во Собранието за овие прашања и дека овој предлог треба да служи како појдовна точка за конечниот текст на Декларацијата, односно дека Левица е отворена за измени во предложените точки.

Главната цел, сепак, како што потенцираше Апасиев, е да се предизвика суштинска промена во македонската дипломатија и преминување од дефанзива во офанзива, бидејќи Левица смета дека проблемите на надворешен план на државата се токму поради дефанзивната надворешна политика, особено во последните 4 години.

Прашан дали не смета дека предлогот за ваква Декларација во ваков сензитивен момент може само да ја влоши состојбата и државата да ја плати цената со бугарско вето, Апасиев порача дека ветото веќе и досега е реална и сериозна закана по евроинтеграцијата, а дека таквата ситуација е токму резултат на сервилната надворешна политика и, како што рече, „глумењето невини жртви“.

- Реклама -