Ковачев: Ништо страшно ако преговорите ги почнете по 6 месеци, кога ќе ја прифатите историската реалност

„Позицијата на Бугарија е јасна – ние не сакаме во Европската унија да влезе една држава како Северна Македонија со која нашите деца и внуци ќе ги имаат истите проблеми со фалсификувањето на историјата. Не сакаме тие да се мразат со потомците на Зоран Заев зашто учеле по различни образовни програми“, изјави бугарскиот пратеник во Европскиот парламент – Андреј Ковачев, во гостување на бугарската ТВ „Европа“.

Во однос на изразената подготвеност од страна на премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Бујар Османи – Македонија писмено да гарантира дека нема територијални претензии кон Бугарија, Ковачев коментира дека таквата понуда е „слатка“, но ни одблизу доволна:

„Многу е великодушно тоа што Северна Македонија ќе потпише анекс во кој се вели дека нема да има претензии кон територијата на Бугарија, но не е доволно и проблемот не е во тоа. Тоа е, сепак, елемент што се подразбира сам по себе. Нема земји во ЕУ кои тврдат дека имаат територијални претензии. Во декларацијата од 1999 година од Љубчо Георгиевски е наведено дека ниту една од двете држави нема територијални претензии“, вели Ковачев.

„Основното од кое во Северна Македонија бегаат како ѓавол од темјан е манипулацијата на историјата“, тврди европратеникот. „Сега се прават недоветни дека не им даваме да се самоопределуваат како Македонци и не им го почитуваме јазикот. Основниот елемент е историјата – ништо друго не е важно.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

Рамката која се создава се прави од политичарите и во неа е вклучена заедничката историја за сите историски личности кои се самоопределувале како Бугари. Македонската елита треба да донесе решение во корист на идните поколенија. Ние не диктираме како да се самоопределуваат во Северна Македонија, но во никој случај не е европска вредност да се манипулира историјата. Имаме светска академска заедница според која населението порано се самоопределувало како бугарско. Таа комисија нема храброст да ги расчисти моментите во наставните програми за да се предава вистината. Дали со нов договор, со анекс или под друга форма, треба да се прифати дека тој процес е неповратен“, рече Ковачев во интервјуто.

Доколку Северна Македонија не ги признае „тие реалности“, порача тој, датумот за меѓувладината конференција со ЕУ ќе биде одложен „и во тоа нема никаква драма“:

„Кога ќе се подготвени и доволно смели да ги надминат фалсификатите диригирани од Титова Југославија, ќе можат да започнат преговори. Има валидна рамковна позиција која е изгласана од бугарската влада и декларација поддржана од пратениците. Треба да имаме доволно гаранции дека младите генерации во Северна Македонија нема да научат фалсификувана историја. Не можеме да го промениме минатото зашто сакаме да ја аргументираме современата реалност. Нема да е толкава драма ако Северна Македонија ги започне преговорите со ЕУ по шест месеци“, категоричен е Ковачев.

- Реклама -