Единаесетгодишниот Илче од Охрид, кој пред два месеци беше згрижен во Групниот дом при Специјалниот завод Демир Капија во село Корешница, синоќа ненадејно починал, иако од самото пристигнување таму неговата општа состојба значително и сѐ повеќе се подобруваше, пренесуваат медиумите.
Информацијата ја потврдија и од Министерството за труд и социјална политика
„Со жалење информираме дека единаесет годишниот И.В. синоќа ненадејно почина во Групниот дом при Специјалниот завод Демир Капија, во село. Корешница, Општина Демир Капија. Детето беше примено во Групниот дом на 7 август оваа година. Неговата здравствена состојба изминатиов период беше стабилна и постојано беше под надзор на стручни лица. Смртта синоќа настапила ненадејно и по налог на Јавен обвинител телото е предадено на обдукција“, информираат од МТСП, пренесува „Слободен печат“.
Сторијата на Илче ја трогна јавноста кога истата дозна дека 11-годишното момче со ретка дијагноза, напуштено од своите родители, спие на чергиче на под, „јаде“ само по една чаша млеко на ден и е неискапен цела година. Првата искра надеж за Илче се појави по објавувањето на сторијата, кога министерот за здравство Венко Филипче се погрижи момчето со амбулантно возило да биде пренесено на лекување во Скопје. По десетина дена лекување и нега на Детската клиника, Илче за првпат успеа да плесне со рачињата и замина, здрав и расположен, во новиот свој дом во Корешница, Демир Капија. Таму почна да јаде со лажичка наместо преку сонда и состојбата константно му се подобруваше, а кон крајот на август, по грижата и топлата атмосфера во новиот дом, Илче дури и запеа.
Како што соопшти Основното јавно обвинителство Кавадарци, во координација со увидна екипа од МВР, извршиле увид во семејната единица во село Корешница, а Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатото дете, во насока на откривање на причините за настанатата смрт.