225 новозаразени, но и пораст на бројот на хоспитализирани – Филипче на итен состанок со Комисијата за заразни болести

Денешниот голем дневен пораст на нови потврдени случаи, но и зголемувањето на бројот на пациенти позитивни или сомнителни на Ковид-19 во болниците, ги алармираа министерот за здравство Венко Филипче и Комисијата за заразни болести.

Како што соопштија Филипче и Министерството за здравство, во моментов тој има консултативна средба со членовите на Комисијата за заразни болести на која се анализира актуелната епидемиолошка состојба и зголемениот број на нови случаи со ковид-19. Повеќе информации најавија по завршување на средбата.

Од Владата не исклучуваат воведување дополнителни мерки.

Инаку, денешните 225 нови случаи претставуваат втор најголем пораст во рок од 24 часа по оној на 18 јули, кога беа дијагностицирани 241 новозаразени во текот на едно деноноќие.

Денеска се забележува и пораст на бројот на пациенти во болниците кои се позитивни или сомнителни на Ковид-19. Според Министерството за здравство, утрово во болниците имало вкупно 374 такви пациенти:

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 2 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 77 пациенти. На кислородна поддршка се 43 пациент, нема пациенти на механичка вентилација.

Прочитајте и:  Филипче по средбата со Сиљановска Давкова: Искрено посакувам ова да биде еден политички дијалог кој ќе стане пракса

Во болницата во Козле хоспитализирани се две деца и две мајки позитивни на Ковид-19, три деца и три мајки суспектни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ примени се 5, а вкупно хоспитализирани се 33 пациенти. На респиратор се 3 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 18, а во болницата во Штип се 49 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 187, позитивни и сомнителни на Ковид-19, информираат од Министерството за здравство.

Последен пат над 370 пациенти (позитивни или сомнителни на Ковид-19) во болниците имаше на 17 август (372), за потоа на 22 август за првпат да падне бројката под 300 (291), по што подолг период се движеше во рангот од 295-330 хоспитализирани. Последниве денови и таа бројка е во пораст, откако по подолго време ја достигна границата од 350.

Покрај ова, денешните бројки значат и зголемување на процентот на позитивни од тестираните; 225-те нови случаи се дијагностицирани од 1.694 тестирања, што е 13.2%.

- Реклама -