Шекеринска до Каракачанов: Очекуваме нашите сојузници да му помогнат на регионот, а не да му одмагаат

„Ваквите изјави не се во духот на Договорот за добрососедство. Не помагаат. Ако нешто научивме во сиве овие изминати 30 турбулентни балкански години, тоа е дека емоциите не се добар сојузник во решавање на билатералните прашања“, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, прашана за изјавата на нејзиниот бугарски колега Красимир Каракачанов, кој порача дека нема да има промена во позицијата на Бугарија и дека земјата треба да се спротивстави на одржувањето на меѓувладината седница за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.

„Ние покажавме дека со сите наши соседи можеме да бидеме пријатели. Покажавме и дека сакаме, дека сме подготвени да инвестираме во таков сојузнички однос и ќе продолжиме и понатаму да градиме таква политика. Очекуваме нашите сојузници и нашите пријатели да му помогнат на регионот, а не да му одмагаат. Единствен начин да помогнеме на овој регион е да му дадеме шанса да има подобра и европска иднина. Јас очекувам дека сите земји, вклучително и пријателска Бугарија, ќе функционираат на таков начин. Сега е моментот кога се гледа и се оценува колку навистина сакаме да градиме добрососедски односи. Ние нашиот тест го поминавме“, додаде Шекеринска.

Прочитајте и:  Еден загинат и двајца исчезнати по експлозии во магацини за пиротехнички материјал близу Софија

Прашана за ставовите на Каракачанов, кои секогаш се најтврди меѓу оние од бугарскиот државен врв, Шекеринска истакна дека е јасно дека тие ставови не можат да се политика на поединечен министер или министри, туку се политика на влада.

„Ние имаме наша одговорност да покажеме на дело во каква политика веруваме и каква политика спроведуваме, а истото ќе го покаже и бугарската влада. Во секоја влада имате разлики, меѓутоа мислам дека за овие прашања и ние и Бугарија ќе имаме единствен фронт. Она што сакаме да видиме е дека тој единствен фронт не е фронт на непријателство, туку е фронт на добрососедство и гледање напред. Стратешки интерес, не само наш, туку и на Бугарија, е во овој регион да се живее подобро, во соседите да се гледаат сојузници. Тоа ќе ни помогне и економски, тоа ќе ни помогне и политички. Јас се надевам дека политичките состојби во Бугарија нема да фрлат сенка на едно прашање кое што е многу постратешко и многу поважно од моменталните политички кавги“, рече министерката.

- Реклама -