Каракачанов: Бугарија ќе рече дека не е време за меѓувладина конференција, нема промена во позицијата кон РСМ

Никој во Бугарија нема намера да ја менува политиката кон Република Северна Македонија која беше најавена уште во октомври минатата година, најави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана – Красимир Каракачанов.

„Никој не сака да се воведуваат нови критериуми за РС Македонија. Има многу јасен критериум од самиот почеток на постоењето на ЕУ: Секоја земја-кандидат за членство, пред да започне преговори, треба да ги има расчистено проблемите со своите соседи. Тука нема ништо ново“, изјавил Каракачанов во изјава за „ТВ Европа“, пренесува бугарската БГНЕС, најавувајќи, во име на владата, дека ќе нема промена на позициите на Бугарија во однос на Македонија и нејзиниот евроинтеграциски пат.

„Бугарија нема што да менува во својата политика. Бугарија најави многу јасно уште во октомври минатата година, дека ако не се почитува Договорот за пријателство меѓу Република Бугарија и Република Сеерна Македонија од 2 август 2017-та, Бугарија ќе се спротивстави на закажувањето на првата меѓувладина конференција. Тука сѐ е јасно“, рекол Каракачанов.

Тој упатил и критики до екс-министерот за надворешни работи – Никола Димитров, кого го обвини дека во текот на својот тригодишен мандат не направил ништо за подобрување на билатералните односи.

„Бугарија, ако се држи до националните и европските интереси, треба да се спротивстави на првата меѓувладина конференција“, додал Каракачанов. „Пред неколку дена Драги Ѓоргиев (претседател на македонскиот дел од заедничката комисија) грубо се однесуваше. Тие луѓе немаат никаква намера да водат искрен дијалог со Бугарија. Тие сметаат дека можат да ги затскријат нештата. Тие си замислуваат дека некој во Брисел или во светот ќе ја притисне Бугарија и ние ќе потклекнеме. Очигледно тие не сфатиле што е ЕУ и како работи. Тие имаа три години да се превоспитаат“, рекол тој.

Прочитајте и:  Средба на Сиљановска Давкова со Орбан: Како држава не гледаме алтернатива за интеграцијата и полноправното членство во ЕУ

Според Борисов, исто така, Договорот со Грција е „многу посуров“. Според него, РСМ не го почитува Договорот за пријателство со Бугарија, кој пропишува што треба да направи секоја од двете страни, и затоа, рече, минатата година во октомври бугарските власти ја донеле Рамковната позиција во однос на Македонија.

„Тогаш светна сијаличката, за да се сетат во Скопје дека нема напредок. Дека тие прават само имитација“, рече бугарскиот вицепремиер.

„Бугарската влада има изработена своја Рамковна позиција која беше одобрена од парламентот. Бугарската дипломатија се придржува кон позицијата на владата и парламентот. Во оваа етапа не гледам некаква желба од страна на нашата дипломатија за заобиколување на тој документ. Бугарија нема да се спротивстави, туку ќе рече дека не е дојдено време за закажување датум за одржување на првата меѓувладина конференција. Кога некој не е подготвен да учи во прво одделение, постои предучилишна подготовка. Во моментов зборувам од името на Владата“, рече Каракачанов, уште еднаш потенцирајќи ја својата убеденост дека ќе нема промена во позицијата на Бугарија и бугарскиот парламент во однос на РСМ.

 

- Реклама -