Јанкулоска ќе лежи затвор, Мицкоски ја брани, нејзиниот сопруг ги обвинува новинарите за помагање на нарачателите

Врховниот суд вчера ги отфрлил жалбите и ги потврдил пресудите од Апелациониот суд за Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски во предметот „Тенк“ за набавката на луксузниот „Мерцедес“, информираат од судот.

Поповски беше осуден на 6.5 години и веќе е на издржување на казната, Груевски доби 2 години, а Јанкулоска, откако Апелација делумно ѝ ги прифати жалбите, ѝ ја намали казната на 4 години затвop.

По одлуката на Врховен, се огласи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски. Тој застана во одбрана на Јанкулоска и тврди дека таа е осудена без докази, а вистинскиот таргет е ВМРО-ДПМНЕ:

„Мафијата на власт потроши над 8 милиони евра за службени возила, а за набавка на едно службено возило кое го користи власта на Заев, Гордана Јанкуловска ќе оди во затвор. Ја судеа без докази затоа што не одбра да биде слуга во скутот на Заев. Ова не е никаква правда, туку начин да се оттргне вниманието од вистинските скандали, криминали и неуспеси на мафијата на власт.

Јанкуловска беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и тука таргетот не е Јанкуловска, туку ВМРО ДПМНЕ.

Оваа одлука на судот е ден по раскрвавената глава на Палевски, и откако целокупното судство и истото обвинителство ги пропушти и амнестираше сите скандали на мафијата.

И не заборавајте, Горде е мајка на еден мал ангел, но и ова ќе помине, а срамот на Заев и мафијата за ваквата тортура ќе остане. Мафијата не треба да се плаши од освета, туку од правда, а таа ќе дојде“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ако се сака, има начин за да нема билатерализација на целиот процес со Бугарија

Во меѓувреме, сопругот на Јанкулоска, контактиран од „Фокус“, ги обвинува новинарите за учество во десетгодишниот медиумски линч врз Јанкулоска:

„Искрено да ви кажам, не заслужувате генерално како новинари било какви коментари, затоа што за сите изминати години некритички го покривате работењето на правосудните власти. Со умисла или небрежност учествувавте во медиумскиот линч кон Гордана кој трае без прекин десет години, и со тоа сте помагатели на злосторничкото здружение кое ги нарача и изврши пресудите. Дури и ова прашање што ми го поставувате е со цел да се поттикнат судири и меѓусебни обвинувања помеѓу осудените, наместо да се запрашате дали постои кривично дело, дали за некој е застарено делото и која е позадината на целиот прогон. Многу сте површни“, одговорил тој на прашањето дали нив како семејство ги иритира фактот што Груевски живее како „слободен“ човек во Будимпешта, а Јанкулоска и Поповски се соочуваат со затвор.

„Немам што да додадам! Треба само да знаете дека со вака темелни обвиненија и пресуди утре секој може да биде осуден. Тргнете од себе, ако не повеќе“, додал сопругот на Јанкулоска прашан дали јавно ќе обелодени која е причината и позадината на, според него, прогонот (повеќе ТУКА).

- Реклама -