ВМРО-ДПМНЕ: Русковска експресно реагира на повикот на СДСМ , а не реагира на очигледен криминал од СДСМ?

Класичен удар врз медиумите и чист случај на притисок и заплашување од партиското обвинителство на СДСМ е денешното влегување на МВР во три фирми поврзани со интернет портали на кои (со државни пари) се рекламирала опозициската ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања – обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ – Наум Стоилковски.

„Очигледна е паниката кај власта по реките народ кој што се излеаја вчера од незадоволство и против владеењето и трговијата со сѐ што е свето за граѓаните од страна на оваа власт, па денеска политичкото обвинителство во ликот и делот на Вилма Русковска организира напад врз медиуми, што го продаваат како некаква борба и справување со корупцијата“, рече тој.

Како што истакна, вистината е дека сето рекламирање на партијата ВМРО ДПМНЕ е транспарентно и законски.

„И се чудиме, како и зошто Вилма Русковска експресно реагира на повикот на СДСМ , а не реагира на очигледен криминал од СДСМ?

Пред цел месец реагиравме и обзнанивме дека на СДСМ во извештајот ѝ недостасуваат стотици илјади евра за рекламирање.

Да потсетам во текот на кампањата излезе анализа од експерти низ медиумите дека СДСМ дневно троши на социјалните мрежи за рекламирање околу 27 илјади евра на ден што пак во текот на кампањата достигнува цифра од над половина милион евра за реклами само за на социјалните мрежи.

Во извештајот на СДСМ ги нема реално потрошените десетици илјади евра дневно, за еден ден рекламирање на социјални медиуми, СДСМ не ги пријавува а СДСМ прикажува само 17 илјади евра потрошени за таа намена за цела кампања и нема истрага Русковска не реагира!“, рече Стоилковски.

Тој обвини и дека Русковска не реагира за ниеден скандал, отворен посочен сомнеж во јавноста, или по поднесоци од опозицијата за можен криминал во или поврзан со СДСМ:

„Се чудиме како и зошто Вилма Русковска не реагираше и се уште не реагира за скандалот, за очигледниот поткуп, за корупцијата, за врските на СДСМ и Зоран Заев со Миодраг ДАКА, за што беше објавен и снимен разговор; Русковска не реагира ниту сега кога тоа што го посочува ДАКА се реализира во Тетово за скандалот со Шик Јелак. Шик Јелак се случува пред очи ама за тоа нема реакција од Вилма Русковска“.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

„Ова што сега се случува и се врши врз медиумите е чист случај на притисок и заплашување од партиското обвинителство на СДСМ против медиумите кои што известуваа и ги пренесуваа протестите на опозицијата и уште пострашно, се критички настроените медиуми против власта, што се наведува и во извештајот на Стејт департментот“, додаде Стоилковски и ги повика соодветните медиумски институции – како АВМУ, ЗНМ, МАН и Синдикатот на новинарите, да го осудат овој напад на медиумите и да го спречат, според него, натамошното оддалечување на Македонија од демократските вредности.

На ова реагираа и од СДСМ:

„ВМРО-ДПМНЕ постојано има проблем кога треба да работи според законите, а тоа е видливо и за време на изборните кампањи. Речиси и да нема изборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ во последните години која што не е спорна и од законски и од етички аспект.

ВМРО-ДПМНЕ е партија која докажано расипнички ги троши парите на граѓаните кога е на власт, но и кога е во опозиција, преку средствата од буџетското финансирање на партиите“, велат во реакцијата.

Според нив, „нереформираната опозициска партија е последната која може да говори за медиумите, затоа што токму таа 11 години затвораше медиуми, апсеше и притвораше новинари, а државата беше на дното по медиумски слободи“.

Бадијала е лицемерната загриженост за медиумите и притисоците врз Обвинителството, додаваат од СДСм и ја повикаа ВМРО-ДПМНЕ да ги остави институциите да ја завршат истрагата за изборното рекламирање.

Како што соопштија денеска од Обвинителството, во тек е проверка на предизборното рекламирање на политичките партии, бидејќи постојат сомневања дека политичките партии ги злоупотребиле парите од граѓаните и за време на предизборниот период платиле политичко рекламирање на интернет портали што биле непосредно отворени и со мала посетеност.

Според анализата на „А1он“ објавена вчера, и СДСМ и ДУИ се рекламирале на портали без импресум.

- Реклама -