Заев до ВМРО-ДПМНЕ: Вие сте Dormeo опозиција, сите крупни одлуки ги преспавте

„Ве разбирам, веројатно е тешка помислата дека уште четири години треба да бидете опозиција“, му се обрати мандатарот Зоран Заев на Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ денеска на продолжението на собраниската седница на која до полноќ треба да се избере владата, откако Јанушев го нарече „Топ-Шоп“ премиер, а владата на СДСМ – „Топ-Шоп“ влада, затоа што само ветувале, сѐ повеќе и повеќе, а ништо не исполниле.

30.000 па 34.000 плата, нов Клинички центар, едноцифрена стапка на невработени, намалување на државниот долг, стабилна економска политика, вложување во културата – според Јанушев, се само дел од лагите на Заев и СДСМ, кои не само што не се исполнети, туку во многу случаи и се случило обратното од ветеното.

Заев не остана покусо. Нема „Топ-Шоп“ влада, туку „Дормео“ опозиција, врати мандатарот, образложувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ сите важни моменти ги „преспала“:

„Сите крупни одлуки, сите важни прашања ги преспавте. Немавте став, немавте храброст кога требаше без разлика на политичка партија и кариера да се носат одлуки за перспективата на државата. Немавте храброст ниту како власт, ниту како опозиција“, рече Заев.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

Тој истакна дека доаѓа време, како членка на НАТО, со добиена одлука за почеток на преговори, низ поглавјата и преговорите да се отворат сериозни економски перспективи за сите граѓани:

„Денес сме 30 земја членка на НАТО, има одлука за почеток на преговорите, на таа одлука 15 години чекавме. Невработеноста ја намаливме од 24,5 на 16,2 отсто. За 5.500 денари се покачени просечните плати“.

Сето ова, посочи Заев, е заслуга конкретно на Владата на СДСМ за само три години.

На крајот на обраќањето, Заев ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го променат односот и да престанат со заканите, а наместо тоа да бидат конструктивна опозиција. Токму наведеното однесување лидерот на СДСМ го посочи како главната причина за поразот на ВМРО-ДПМНЕ на изборите.

- Реклама -