Николоски: Соочени со пораз, Заеви го селат капиталот во Бугарија (ВИДЕО)

Изборната кампања е пред крај, а победата на ВМРО-ДПМНЕ и поразот на СДСМ се веќе извесни, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Александар Николоски. Токму тоа, како што рече, е причината што Заеви почнале да го селат капиталот од Македонија.

„Имено, семејството Заеви се јавува како странски инвеститор во Република Бугарија. Јас јавно повикав пред една недела да излезе во јавноста и да каже дали неговото семејство се јавува како странски инвеститор во најмалку две европски држави. Еве едната ја објавувам денес, тоа е Република Бугарија. Но до денес нема одговор, и бидејќи нема одговор, решив јас да се произнесам во јавноста и да ги презентирам документите.

Основното прашање е дали се спремаат за бегство после поразот на парламентарните избори на 15-ти јули. Домашните фирми, односно фирмите во Македонија кои што се во сопственост на Заеви веќе се селат, односно мигрираат во Бугарија. Односно тамошните фирми веќе стануваат сопственици на фирмите кои што Заеви ги поседуваат во Македонија. Покрај досега објавените фирми кои што се во сопственост на Заеви во Бугарија, а тоа се: Ориент Груп, Гомасидра, Радиша Трејд – сите формирани во Бугарија откако Зоран Заев е на власт, основани се две нови после претседателските избори кога веќе мирисаше на скандалот ‘Рекет’. Значи, свесни дека поразот е неминовен, свесни дека скандалите ќе почнат да излегуваат, формираат две фирми во Бугарија“, обвини Николоски.

Како што тврди тој, притоа покажувајќи документи, двете нови фирми се во сопственост на Трајче Заев и Бобан Заев и истите се основани на 13-ти мај 2019-та година, на иста адреса во Петрич како и претходните со име Медикал 420 БГ и Фарма ЕУ БГ.

„Истите овие две фирми, основани во Бугарија – Фарма ЕУ БГ и Медикал 420 БГ, се јавуваат како сопственици на најмалку две фирми во Македонија, а во дел други фирми се јавуваат како малцински акционери. Сето ова отвора прашање во однос на тоа какви се намерите на семејството Заеви после поразот на парламентарните избори. Свесни дека ќе треба да одговараат за сторениот криминал и корупција кои што ги направија во изминатиот скоро четиригодишен период на власт. Второ, го поставува логичното прашање зошто во текот на целата кампања Зоран Заев не одговори на моето прашање, а тоа е дали е во состојба да го докаже потеклото на сопствениот капитал и потеклото на капиталот на неговото семејство, затоа што ВМРО-ДПМНЕ ветува во програмата ‘За обнова на Македонија’ и е еден од основни носечки проекти во делот на борба против криминал и корупција, усвојување на закон со кој што ќе се испита потеклото на капитал на сите луѓе кои што се занимавале со јавен живот во изминатите 30 години. Цела кампања го повикував, цела кампања не одговори, веројатно ова е една од причините“, обвини Николоски.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Добро е што Бектеши призна дека правел притисок, ЈО и судството да постапат

Обновата доаѓа, порача тој, и најави изграедба и економско издигнување на државата, но и одговорност за сиот сторен криминал и корупција. Тоа, како што вети, ќе се случи во првите 6 месеци.

„На тоа јас се обврзувам, на тоа ВМРО-ДПМНЕ се обврзува“, заклучи Николоски.

- Реклама -