ДУИ на протест пред седиштето на СДСМ поради разрешувањето на Зибери

Денес, со почеток во 14 часот, движењата „Зошто да не“ и „Јас верувам“ кои се дел од кампањата за прв премиер Албанец на младите активисти на ДУИ, пред седиштето на СДСМ во Скопје ќе одржат мирен протест против разрешувањето на директорот на Центарот за јавно здравје Скопје – Арбен Зибери, од страна на министерот за здравство Венко Филипче.

Како што објасни и Филипче, но и од Министерството за здравство, Зибери беше разрешен откако на Фејсбук се пофали дека тој и ДУИ помогнале да се отворат границите без ПЦР тест и самоизолација, за да можат иселениците да се вратат и да гласаат за премиер Албанец. Ваквата изјава се случи во период кога премиерот Оливер Спасовски и министерот Филипче категорично демантираа било каква политичка заднина на одлуката за отворање на границите и инсистираа дека е донесена исклучиво врз основа на проценка на експертите, но во медиумите беше објавено дека Комисијата за заразни болести всушност не препорачала конкретен датум за тој чекор.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Оттаму, причината за разрешувањето беше тоа што, и покрај крајно професионалното – според Филипче – работење на експертите во Комисијата за заразни болести, Зибери со неговата изјава го поткопа угледот на секој нејзин член, предизвикувајќи сериозна штета во довербата во работата на Комисијата, во време кога таа е од клучно значење поради пандемијата на коронавирусот. ДУИ, сепак, секојдневно го користи случајот во предизборната кампања, давајќи му етнички предзнак, обвинувајќи дека разрешувањето било анти-албански акт.

Движењата „Зошто да не“ и „Јас верувам“ и претходно одржаа протест пред седиштето на СДСМ, но и пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, за да им порачаат дека „е дојдено време за премиер Албанец“, што го натера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да ја предупреди ДУИ „да внимава како се однесува, бидејќи на Македонците им е преку глава да бидат граѓани од втор ред“.

 

- Реклама -