ДУИ го промовираше Насер Зибери за прв премиер Албанец

На промотивната конвенција на кандидатите за пратеници на предвремените избори, која се одржа денеска во Преспа – каде симболично ја започна предизборната кампања за да испрати порака дека ќе биде гарант на Преспанскиот договор, ДУИ го претстави својот предлог за прв премиер Албанец. Тоа е поранешниот министер за труд и социјална политика и познат политички аналитичар – Насер Зибери.

Зибери истакна дека бил изненаден, но почестен од одлуката. Неговата номинација, пак, како што истакнаа интегративците, е со согласност на лидерот на ДУИ – Али Ахмети, но и резултат на спроведените анкети:

„По интензивните консултации со граѓанското општество, академскиот свет, стручно и креативно мислење, стигнавме до обединувачкото и заслужно име на кандидатот за првиот Албанец премиер. Тоа е Насер Зибери кој ги има сите доблести да ја води извршната власт на земјата кон полна еднаквост“, рече Ахмети.

„Бев изненаден од повикот на г. Али Ахмети со покана за состанок во неговата канцеларија. Тој ме извести дека се консултирал со многу почитувани луѓе, граѓанското општество и академијата и тоа што моето име беше меѓу номинираните како надпартиски кандидат. Искрено, бев изненаден и секако, се чувствував ценето. Да бидам потполно искрен, си помислив дека ова не само што ќе го промени мојот живот, туку е и голема одговорност. Не е лесна одлука да се донесе, и нема многу време за размислување. Но, челикот се кали во оган и за поединецот се суди според одлуките што ги носи за социјалното добро, затоа реков ДА“, рече Зибери.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Зибери е роден во 1961 година во Ласкарци, општина Сарај. Дипломирал на Правниот факултет, а зад себе има три пратенички мандати.

Во 90-тите влегува во политиката како кадар на ПДП, каде го помина најголемиот дел од политичката карира, а во периодот од 1996 до 1998 година станува министер за труд и социјална политика во владата на Бранко Црвенковски. Пред политиката, каде не е активен повеќе од 10 години, бил новинар, а во моментов работи како нотар. Сепак, во последните години Зибери е познат како набљудувач на политичките случувања и политички аналитичар.

ДУИ ја започна предизборната кампања под мотото „Време е за премиер Албанец“ со прилично оптимистично ветување – дека за 5 години државата веќе ќе биде дел од ЕУ.

- Реклама -