Демократската Унија за Интеграција својата изборна кампања ќе ја започне во Преспа, со промотивна конвенција на кандидатите за пратеници која ќе се одржи во среда (24 јуни), соопшти денеска интегративецот Артан Груби на прес-конференција на плоштадот „Скендербег“ во Скопје.
Локацијата не е одбрана случајно, напротив, со тоа ДУИ испраќа порака, како што истакна Груби, дека ќе биде гарант на Преспанскиот договор, но и на Договорот за добрососедство со Бугарија и на Охридскиот (Рамковен) договор. Токму затоа, ДУИ кампањата ќе ја заврши токму во Охрид.
Како што рече Груби, овие документи и процеси се темел на заедничката држава и нејзината евроатлантска определба, а истите ќе бидат и основна агенда на првиот премиер Албанец, како основи за целосна интеграција во Европската унија, што ќе доведе до рамноправност во сите сфери на општеството и живеењето.
Груби ги повика сите граѓани Албанци и другите да ја поддржат идејата, порачувајќи им дека „штабовите на ДУИ се нивен дом“, и притоа најави дека оваа кампања ќе биде поразлична од другите и всушност ќе претставува движење, односно платформа за избор на прв етнички Албанец за премиер на државата.
Во однос на пандемијата на Ковид-19, Груби истакна дека при сите собири и активности на ДУИ максимално ќе се почитуваат мерките и истото тоа го побара од сите активисти на интегративците.