Шекеринска: Овој носач е и наш носач, овие војници и авиони се и наши војници и авиони (ГАЛЕРИЈА)

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, во друштво на премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието Талат Џафери, началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски и амбасадорката на САД Кејт Брнз, остварија средба со адмирал Џејмс Фого, командантот на американските поморски сили за Европа и Африка и командант на Здружените сојузнички сили во Неапол, која се одржа на носачот на авиони „Хари С. Труман“. Како што рече Шекеринска, присуството на нашата делегација на носачот кој е дел од НАТО флотата на Медитеранот, покажува што ова значи за нашата држава:

„И тој носач на авиони Труман, е дел веќе од нашата одбрана. И тие авиони на носачот, и овие денеска во базата, се дел од нашата одбрана. Сите тие, повеќе од 5000 војници на носачот на авиони, се дел од нашата одбрана, исто како што нашите капацитети, се дел од НАТО системот. За ова се боревме, за ова работевме и за ова нашата држава вложи многу“, нагласи министерката Шекеринска, потенцирајќи што значи да се биде дел од најголемиот и најмоќниот воено политички сојуз.

„Сега е шансата да ги собереме плодовите од НАТО членството, да имаме повеќе шанси за домашни и странски инвестиции, да создадеме повеќе шанси за работни места и повисоки плати и да покажеме дека само со сигурна земја се создава и просперитетна иднина”, рече Шекеринска.

Премиерот Заев рече дека минатата недела во Лондон, се уверивме што значи да се биде дел од семејството на земјите членки на НАТО. „Бевме рамо до рамо со политичките лидери на Алијансата. Со посетата на носачот на авиони „Хари С. Труман“, еден од најимпресивните репрезенти на моќта и на комплексниот систем за ефикасни оперативни задачи за одржување на безбедноста, мирот и сигурноста во светот и со средбата со адмирал Џејмс Фого, ја комплетираме сликата за најмоќната воено-безбедносна алијанса на светот и за припадноста на Северна Македонија во најсилниот систем на колективна безбедност што обединува речиси 1 милијарда граѓани од демократскиот свет. Најсилните земји во светот се наши сојузници, Северна Македонија е партнер и сојузник со сите нив“, истакна во изјавата за јавноста премиерот Заев.

Прочитајте и:  Руте ја назначи Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО

Претседателот на Владата Заев нагласи дека средбата со Адмирал Фого на носачот „Хари С. Труман“ е јасен сигнал за активното учество на нашата земја во глобалните процеси кои носат мир во светот, како и во процесите во кои заедно со сојузниците се справуваме со сите конвенционални и хибридни закани за сигурноста и безбедноста.

„Хари С. Труман“ еден од 10-те носачи на авиони од класата Nimitz, со должина од 333 мети и носивост од 100,000 тони. Работат на нуклеарен погон, развиваат максимална брзина од 30 наутички јазли (56 км/ч), и максимална сила од 260,000 коњски сили. Бидејќи се на нуклеарен погон, можат да бидат активни на море над 20 години пред да имаат потреба од нова енергија, а работниот век им е над 50 години.

Оваа генерација носачи се најголемите воени бродови што ги имаат САД, и кога пловат се придружени од неколку други бродови (Carrier Strike Group). Nimitz носачите на авиони се екипирани со високо развиена технолошка опрема и наоружување (за дефанзивна и офанзивна употреба), и екипаж од 6.250 воени лица, вклучително и пилотите, има капацитет да смести 90 летала (авиони и хеликоптери), и писта со големина од 1.8 ha.

Тоа е првиот носач на авиони во светот на кој имаат слетано и полетано воени беспилотни летала (воени дронови) во 2012. Пуштен е во употреба во 1998 година, и има добиено 17 награди.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и заменичката на претседателот во владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, на носачот „Хари С. Труман“ беа заедно со премиерот на Бугарија Бојко Борисов, и министерот за одбрана во бугарската влада Красимир Каракачанов.

 

 

Извор/ФОТО: Министерство за одбрана / ФБ профил на премиерот Заев

- Реклама -