ЕУ воведува нови правила за куќните апарати, а во име на заштита на потрошувачите

Европскиот парламент уште во 2017-та го усвои Извештајот за продолжено траење на уредите, а усвоени се предлозите за забрана на „програмираното расипување“, забраната за вградени витални делови кои не можат да бидат извадени и отстранети, но и предлогот за поголема достапност на резервни делови на пазарот, како и воведување на ознаки со минимално траење на уредот.

Минатата недела во рамки на Европската унија стапија на сила измените на директивите за екодизајн, кои наложуваат достапност на резервни делови за ладилниците, машините за перење, машините за перење садови, ТВ екраните и расветните уреди. Според измените, резервните делови треба да се достапни во рок од 7 до 10 години.

Белгискиот кандидат за комесар во Европската комисија – Дидие Рејнердс, е на ставот дека ЕУ мора да има јасен став за овој проблем и смета дека доброволните мерки не се доволни. Тој најави дека Европската комисија ќе излезе со предлог закони со кои ќе се забрани „вграденото/програмирано расипување“ на уредите.

Европската комисија во моментов ги истражува тврдењата дека некои уреди се произведени со вградени дефекти, со цел потрошувачите да бидат приморани (речиси) веднаш по истекувањето на гаранцијата да купат нови уреди/модели. Во Франција, на пример, таквата пракса е забранета со закон. Хрватската европарламентарка Билјана Борзан бара таквата забрана да се воведе на ниво на Унијата, пренесува хрватски „Индекс“.

Прочитајте и:  Медиуми во ЕУ: Путин го пречекори опасниот праг

„Крајно неодговорно е на пазарот да не постојат резервни делови, па купувачот, на пример, поради пукнат дел на машината за перење кој би чинел 50 куни (6-7 евра), да биде приморан да купи цел уред“, рекла Борзан во Европскиот парламент, додавајќи дека измените за достапност на резервни делови треба да се прошират и за сите други видови производи.

Со неа се сложуваат дури 77% од граѓаните на ЕУ, кои  преферираат поправка наместо купување нов уред. Истражувањата покажуваат и дека се подготвени да платат повеќе за уред што подолго ќе им трае. За машина за перење што би траела две години подолго, на пример, тие би издвоиле и до 100 евра повеќе.

Истражувањата покажуваат и дека поправката на дефектните уреди подобро се одразува дури и од рециклирањето на производи, бидејќи создава над 10.000 нови работни места. Притоа, со воведување на ознаки за минимално траење на производот, би дошло до зголемување на означените производи за 55%, тврди Борзан.

Борзан ја истакнала и штетата за околината, која поради константното трупање на отпад е едноставно немерлива. Од тој аспект, поправката на уреди е далеку подобра алтернатива.

- Реклама -