Знаете ли зошто во Крими музејот во Идризово има фигура на шимпанзо со човечко бебе? Приказната се случува во далечната 1963 година, во деновите пред скопскиот земјотрес. Ја објави Зоолошката градина Скопје.
Имено, во 1963 година, во Скопје ЗОО живеела шимпанзото Милева. Тоа лето, таа го изгубила бебето и била тажна. Еден топол јулски ден, само неколку дена пред катастрофата која го погоди Скопје, успеала да избега од своето живеалиште. Во Градскиот Парк здогледала брачен пар со бебе во количка. Водејќи се од мајчинскиот инстикт, Милева го украла женското бебе и се качила на дрво. Нејзините зоо негуватели постојано викале: „Милева пушти го детето, Милева пушти го детето!“, додека мајката вознемирено плачела. Милева немала намера да го повреди бебето, но сепак немала намера ни да го пушти, тагувајќи по своето изгубено чедо. За жал, на крај шимпанзото морало да биде убиено, а за среќа малото бебе било спасено неповредено.
Со години, Милева се наоѓа во Крими Музејот во Идризово, каде што немо сведочи за приказната на две мајки. Бебето денеска е возрасна жена и живее во Скопје. Од ЗОО Скопје се надеваат дека еден ден ќе им биде гостин.