Лани Париз имаше хаотична година со електричните тротинети – 12 стартап компании ги преплавија неговите улици со овие возила.
Со 12 оператори за електрични тротинети, француската престолнина има повеќе оператори од САД вкупно, покажа истражувањето објавено во четвртокот. Овие 12 оператори управуваат со околу 20.000 вакви возила.
Тоа резултираше со повеќе проблеми. Оштетените тротинети, на пример, често завршуваат во некои од прочуените париски паркови, а неретко парижани ги фрлаат и преку мостовите во реката Сена. Градските тротоари, пак, станаа арена за превласт меѓу возачите на тротинети и пешаците.
Градоначалничката Ан Идалго вели дека електричните тротинети упаднале во „сива правна зона“, па како резултат на бројните поплаки и жалби и напливот од повpeди и инциденти, градската управа и полициjaта сакаат да воведат низа мерки што ќе ја вратат ситуацијата во нормала. Една од нив е да се ограничи брзината на тротинетите на 20 км/ч во најголемиот дел од подрачјата, а во подрачјата со густ пешачки сообраќај – на 8 км/ч. Исто така, Париз сака да го забрани и оставањето на тротинетите било каде освен на означените места.
Идалго исто така планира и да го ограничи бројот на оператори – на три, како и бројот на тротинети што секој од нив ќе ги изнајмува.
Во Париз веќе се наплаќаат парични казни од 135 евра за возење тротинет по тротоар и 35 евра за паркирање на тротинет на тротоар, а се казнува и секој (што ќе биде фатен, се разбира) оставил тротинет некаде каде што мораат да го соберат општинските работници.
„Неопгодни ни се ред и правила за да се осигура безбедноста на улиците“, вели градоначалничката Идалго.
Според податоците на француските владини агенции за транспорт, околу една третина од возачите на електрични тротинети во Франција се странски туристи.