Десетгодишниот Алекс Жакот доби покана и оствари состанок со Алан Џојс – директорот на австралиската авиокомпанија Qantas. Поканата следуваше откако малиот Жакот му испрати писмо на директорот барајќи совет.
10-годишниот Алекс е млад авио и бизнис ентузијаст, а во писмото објаснил дека е и „директор“ на своја сопствена „авиокомпанија“. Токму затоа и му била потребна помош од Џојс, за да го посоветува.
„Јас сум Алекс Жакот, имам 10 години (Ве молам сериозно да ме сфатите) и сакам да основам авиокомпанија“, пишува момчето во писмото, во кое открива дека веќе одлучил кои типови на авиони ќе ги има, што сè ќе му биде потребно за бизнисот, колку чести ќе бидат летовите и уште многу други детали. Со еден збор, малиов има цел бизнис план.
„Јас сум директор на компанија која ќе се нарекува ‘Океанија Експрес’“, додава Алекс, напомнувајќи дека веќе назначил и финансиски директор, технички директор, сервис и правна служба, но и потпретседател на компанијата – неговиот најдобар другар. „Со оглед на тоа дека сум на распуст, имам повеќе време за работа, а бидејќи вие сте веќе искусни во тоа, би сакал да ве прашам неколку работи“, стои во писмото.
Па така, меѓу другото, тој побарал совет од Џојс околу тоа како да им помогне на патниците да спијат на директниот лет од Сиднеј или Мелбурн до Лондон.
Директорот на Qantas, воодушевен од писмото, побарал веднаш да се состанат во просториите на авиокомпанијата, каде што воедно го повел момчето и на тура низ сите оделенија.
„Обично не давам совети на конкуренцијата, но во овој случај ќе направам исклучок, бидејќи и јас самиот некогаш бев дете кое беше многу љубопитно околу авијацијата“, пишува Џојс во одговорот до момчето.
Преписката можете да ја погледнете во продолжение, а ние се надеваме дека еден ќе читаме статија за тоа како Океанија Експрес ѝ станува сериозен конкурент на Qantas.