Македонија со европски шампион и вицешампион во Грција

Настап каков што само може да се посака на седмото Европско клупско првенство за сениори во таеквондо, кое се одржа во Солун, Грција. Таеквондистите од македонскиот претставник ТКД Бутел од Скопје се враќаат со златен и сребрен медал во поединечна конкуренција.

Европски шампион во категорија до 87 килограми е Филип Додевски, кој со пет победи го освои златниот медал. Во петте борби тој ги совлада: Дијамантидис од Грција, Бабаевски од Русија, Антониос од Грција, Трабелси од Австрија (носител на бронзен медал од Светското првенство) и Драшко Јованов од Србија.

Во категоријата +87кг, вицешампион е Дејан Георгиевски. До сребрениот медал дојде преку победите над Марчетиќ од Србија и Омар од Франција. Во финалето во цврста борба загуби од актуелниот светски шампион кој се бори за Австрија – Нигериецот Абдул.

Тренерот на ТКД Бутел – Дарко Костовски, ги пофали и одличните настапи на Анамарија Георгиевска, Марко Стевиќ и Иван Крстевски и посебно Костадин Георгиевски, кој за малку не стигна до медал.

 

- Реклама -