Герасимовски: Веќе целосно го поддржувам протестот за УСЈЕ, потребни се строги санкции.

5

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во интервју за дневникот на телевизија Сител ја изрази својата целосна поддршка за протестот поврзан со УСЈЕ. Тој нагласи дека е неопходно да се спроведуваат строги и постојани контроли, не само во погоните на УСЈЕ, туку и во сите фабрики. „Ако информациите коишто кружат се точни, ригорозни санкции мораат да следуваат“, истакна Герасимовски.

Како потпретседател на Здружението на единици на локалната самоуправа, Герасимовски изрази очекување дека Град Скопје ќе изработи детална стратегија и програма која ќе вклучи сите десет скопски општини. Целта е да се намали загадувањето и да се искорени во целост. „Договорено е до крајот на годината, односно до средината на следната недела, да одржиме состанок во рамките на ЗЕЛС со сите општини, каде ќе се разговара за повеќе теми, а аерозагадувањето ќе биде приоритет“, нагласи тој.

Реклама

Герасимовски додаде дека е потребно да се применат клучни мерки, вклучувајќи функционален и ефикасен јавен превоз, кој долго време се најавува, но сè уште не достигнува соодветно ниво. Исто така, предложи воведување мерки за време на екстремно загадување, како системот „пар-непар“ за намалување на сообраќајот, како и засилени инспекциски контроли и проверки на домаќинствата кои користат штетни материјали за грејање, како гуми и пластика.

Тој нагласи дека редовните контроли во индустриските зони и кај главните загадувачи се исто така од клучно значење. Иако Општина Центар нема индустриска зона, Герасимовски истакна дека воздухот не познава граници и дека сите општини во Скопје се подеднакво погодени од загадувањето. Во однос на можната дислокација на цементарницата УСЈЕ, градоначалникот предупреди дека тоа нема да биде лесна задача, но истакна дека со волја може да се успее во овој потфат.