Мицкоски во интервју за „Радио Слободна Европа“: Што е тоа „сè“ што ќе го направи против Преспанскиот договор?

„Потврдата за тоа дали ставот и позицијата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на промената на името и Преспанскиот договор се исправни, ја кажа народот на 30 септември“, одговори лидерот на партијата – Христијан Мицкоски во интервју за „Радио Слободна Европа“ на прашањето дали од денешен аспект би играле, тој и партијата, поинаку.

„Со тоа што народот одлучи да молчи, затоа што како што во минатото некои политичари на СДСМ сакаа да кажат – некои прашања не заслужуваат одговор. Така што од оваа перспектива гледано можам да кажам дека го избравме правилниот пат, а тоа беше патот заедно со народот, патот на правдината, на честитоста, на вистината и патот на Македонија“, одговори Мицкоски.

РСЕ: Народот одлучи да молчи, тоа е на некој начин бојкот, но вие пред референдумот не го искажавте ставот дека сте за бојкот на референдумот?

„Вие ме прашавте за мојот став, јас на денот на референдумот на 30 септември го кажав мојот став – нема да излезам на референдумот и дека нема да гласам, односно прашањето вакво какво што е не го заслужува мојот глас.“

Запрашан дали тој и ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да ги сносат последиците по партијата и државата од неговите ветувања дека ќе направи сè за да ги измени процесите што произлегуваат од Преспанскиот договор, и покрај фактот што Договорот јавно го поддржаа повеќето западни земји и сојузниците, Мицкоски одговара:

„Ги знаете Вие кои се последиците за партијата и за државата на тие чекори кои ние ќе ги направиме откако ние ќе ја добиеме довербата на граѓаните?!“

РСЕ: Па Вие не ги прецизирате чекорите. Што подразбирате под ќе направиме „сè“?

„Откако ќе ја добиеме довербата на народот, а ние ќе ја добиеме на следните предвремени парламентарни избори, се разбира доколку парламентарното мнозинство се одважи, ќе видите кои ќе бидат чекорите и ќе видите кои процеси ВМРО-ДПМНЕ ќе ги промени во иднина. Така што јас би бил навистина внимателен, ја разбирам потребата од откривање сензационализми предвреме. Но јас би бил внимателен навистина во чекорите кои се одат еден по друг, така што ајде најпрвин да видиме дали владејачкото мнозинство ќе се охрабри ќе се одважи, ќе се осмели да ја поддржи иницијативната на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Парламентот и распишување на предвремени парламентарни избори. Потоа втората интерација кадешто ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие довербата на граѓаните, формираме влада, па дури потоа ќе одиме чекор по чекор во процесите коишто ВМРО-ДПМНЕ ќе ги промени. И одма сега тука можам да ви дадам одговор и на второ можно прашање бидејќи не така одамна и тоа ми беше поставено – Дали ќе бидам премиер на Република Северна Македонија, јас и тогаш кажав, еве и сега ќе го повторам дека подготвен сум да бидам премиер и за мене секогаш ќе остане Република Македонија не сметајќи ја оваа историска грешка којашто ја направи владата на СДСМ и Зоран Заев заради лични и кариеристички цели.“

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

РСЕ: Дали тоа значи дека ако дојдете на власт во однос на Договорот од Преспа, нема да го нема да го почитувате Уставот?

„Ниту еден процес во историјата не е еднонасочен, сите процеси во историјата искуството вели дека биле реверзибилни. Прашање на време е кога повратната врска ќе се реализира. Така што важно е претходно да се случат некои други процеси, па дури потоа ВМРО-ДПМНЕ ќе може пред граѓаните на Република Македонија да го спроведе ова што ние денеска го разговараме и она врз основа на што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја гради идната своја политичка доктрина. Ние сме партија која што е непосредна, партија од народот, од граѓаните, партија која што е честита, искрена и принципиелна. Ние не можеме да ветуваме нешто што не можеме да оствариме. Ние не можеме истовремено да бидеме патриоти во топлинки дома пред компјутери и да пишуваме статуси на социјалните мрежи, ниту пак ќе зборуваме она што граѓаните сакаат да го слушнат. ВМРО-ДПМНЕ може да вети, јас можам да ветам дека откако ќе ја добијам довербата на граѓаните, ќе сторам сè што е во моја моќ процесите да ги изменам. За мене постоела, е и ќе остане Република Македонија, а сето ова останато го сметаме за историска грешка и тука немам што да додадам и што да изгубам.“

РСЕ: Повторно може ли една поширока дефиниција, што подразбирате под ќе направиме „сè“. Дали тоа значи непочитување на Договорот од Преспа?

„Ние може до задутре вака да си играме со прашањето што подразбирате откако ќе се случи тоа и тоа, но јас ви го дадов одговорот најпрвин треба да ја добиеме довербата од граѓаните, а потоа ќе бидете сведоци на сите чекори и на сите интерации коишто ВМРО-ДПМНЕ ќе ги направи во процесите кои следат. И ова не го зборувам како политиканство, ова го зборувам затоа што го мислам“, вели Мицкоски во делот од интервјуто посветено на Преспанскиот договор.

Целото 12-минутно интервју можете да го погледнете на Радио Слободна Европа или на официјалната веб страна на ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -