Пред шест месеци, за време на натпревар во родео во Енкориџ на Алјаска, тригодишната крава Бетси го искористила невниманието на своите чувари и му ја здувнала кон шумата Far Nort Bisentenial, која се простира на површина од 4.000 хектари.
Каубоите ги отседлале коњите и тргнале во потера веднаш штом забележале дека ја нема, но веќе било предоцна. Оттогаш Бетси ужива во својата слобода во пространата шума, и покрај постојаните обиди на сопствениците да ја фатат и да ја вратат на фармата.
„Целосно сум исрпцен од безмалку секојдневната потрага по Бетси. Едно е сигурно, оваа крава е навистина мудра“, вели сопственикот на кравата – Френк Кокоски.
Не се работи само за празен комплимент. Уште од нејзиното бегство, Бетси редовно ја забележуваат скијачи, спортисти, авантуристи, кампери, шумска полиција и планинари кои минуваат низ шумата. Сé додека Кокоски не објавил на друштвените мрежи дека кравата му е во бегство, многумина од очевидците мислеле дека им се причинува, а ни останатите не им верувале на приказните за шумската крава. Причината е што се работи за див, суров и тешко пристапен терен каде никој не би очекувал да сретне крава, а уште помалку крава што таму живее и преживува веќе со месеци.
„Секогаш кога ќе добијам дојава за локацијата на Бетси, веднаш се упатувам натаму, но сé што таму затекнувам се траги во снегот“, се жали во немоќ Кокоски. Тој признава дека по неговата објава многумина се понудиле и обиделе да му помогнат, но и дека многумина од нив го немаат потребното искуство и знаење. „Повеќето ја немаат потребната каубојска вештина за фаќање на избегана крава, а особено не за мудра крава како Бетси“, вели тој.
Неуспешни биле и досегашните обиди Бетси да се намами со храна, но сега се крчка нов, ние би рекле „подол“ план. Имено, при следната информација за локацијата на Бетси, во тој реон ќе бидат однесени уште неколку други крави, со надеж дека Бетси набрзо ќе им се приклучи во стадото. И останатите каубои се сложни: полесно е да се следи и улови цело стадо крави, отколку една Бетси.
Меѓутоа, Бетси сé уште е во предност. Ги има на располагање сета кравја мудрост и пространиот терен од над 4.000 хектари покриени со дрва, поради што е невозможно да се утврди нејзината точна локација. Сé што може Кокоски да направи е да чека нова приближна информација, па дури тогаш, со задоцнување, да го активира својот план.