Филмското бегство на една крава: Срушила ограда, пливала под вода, сега живее на остров

Една крава во Полска ги освои срцата на луѓето откако изведе чудесно бегство додека била на пат кон кланица.

Според полското информативно шоу Wiadomosci, сопственикот во моментот ја товарел во камион упатен кон кланица, кога кравата почнала да пружа отпор и да влече наназад. Не само што успеала да се извлече, туку и по неколку обиди ја срушила металната ограда, по што се впуштила во бегство.

Фармерот, г-ин Lukasz, се обидел да ја фати, ама била пребрза за него. Еден од неговите работници успеал да ја докачи за ногата, ама кравата, така залетана, му ја скршила раката.

Потоа кравата скокнала во блиското езеро Nysa и отпливала до едно од островчињата на средина на езерото. Според фармерот, кравата дури пливала и под вода.

Во следните денови, Lukasz се обидел да ја врати кравата од островот. На негово изненадување, кравата го нападнала секој што ќе ѝ се приближел, и жестоко ја чувала својата територија. На крајот фармерот се откажал, па несакајќи да ја изгуби, почнал да ѝ носи храна.

Дури и локалните служби се обиделе да го уловат животното, ама без успех. Кога пожарникарите се обиделе да ја качат на брод и да ја тргнат од островот, кравата скокнала во водата и отпливала до друг помал остров. Кога луѓето заминале, се вратила на „својот“.

Ветеринар исто така пробал да ја успие, ама не успеал да ја погоди. На крајот му снемало муниција. После сите неуспешни обиди, фармерот решил да ја убие. Арно ама, тогаш почна да стигнува огромна поддршка од јавноста – за кравата, секако. Политичарот Павел Кукиз, на пример, не само што ја нарече „крава херој“, туку и понуди да му плати на фармерот за да ја остави жива.

„Таа избега херојски и се инфилтрираше на остров во средина на езерото, каде што е и денес“, вели Кукиз во постот на Фејсбук. „Не им потклекна на пожарникарите кои сакаа да ја качат во брод, и уште е на бојното поле… Не сум вегетаријанец, ама храброста, упорноста и волјата на кравата да се бори за својот живот се непроценливи. Затоа, решив да направам сé што можам за кравата да биде пренесена на безбедно место, и потоа во втората фаза, како награда за нејзината упорност, да ѝ обезбедам гарантиран мирен живот во пензија и природна смрт“.

Според локалниот ветеринар, кравата иако преплашена изгледа здраво и веројатно супер ѝ оди во дивината.

… Само да не избега со диви бизони. Тоа може да биде проблем.

- Реклама -