Тричковски, Ружин, Колуглу и нобеловката Бушамауи ќе ги предложат Заев и Ципрас за Нобелова награда за мир

И самата добитничка на Нобелова награда за мир во 2015-та – Уидед Бушамауи од Тунис, утре официјално ќе поднесе номинација со која македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас ќе бидат номинирани за овогодинешното издание на истото тоа признание.

Зад инцијативата стојат и поранешниот македонски амасадор Нано Ружин, новинарот Бранко Тричковски и европратеникот Стелиос Колуглу.

„Уште со првите позитивни резултати од преговорите меѓу премиерите Заев и Ципрас, кај мене растеше чувството за одредено меѓународно признание за двајцата скромни, но храбри лидери, Зоран Заев и Алексис Ципрас. Сличен рефлекс дојде и од вашата земја преку мојот пријател, професорот на Универзитетот ФОН, Нано Ружин, и од познатиот новинар Бранко Тричковски, кои сметаа дека треба да се даде предлог за добивање на Нобеловата награда за мир за двајцата кандидати. Најтешкиот процес беше да ги убедиме да прифатат да бидат кандидирани. Охрабрувачките резултати од Договорот од Преспа ни дадоа енергија, ние без никаков комплекс да ја продолжиме нашата иницијатива. Се обративме на добитникот на Нобелова награда за мир, Уидед Бушамауи, која ја поддржа иницијативата лично да ги кандидира премиерите Заев и Ципрас“, објаснува Колуглу за Дојче веле.

„Во разговор со Тричковски, анализиравме што сѐ е направено на внатрешен план од страна на грчкиот премиер, и тоа во време кога беше соочен со строгата политика на европската тројка за надминување на финансиските проблеми, но и за национализмот со кој мораше да се соочи заради Договорот од Преспа. Од друга страна, тука беше и целокупната, да ја наречам – гандиевска позиција на Заев за мирен пат за излез од кризата, особено по настаните од 27-ми април, како и историскиот успех со потпишувањето на Договорот од Преспа. И нашиот, но и ставот на голем број европски аналитичари е дека Договорот од Преспа е единствена добра вест што доаѓа од Европа“, вели Нано Ружин – професор и ректор на ФОН.

Официјалното претставување на предлогот на Бушамауи ќе се одржи утре (18 декември) во 11 часот на церемонијата на универзитетот ФОН (каде во март Бушамауи стана почесен професор), откако на панелот ќе говорат Ружин, европратеникот Колуглу и генералниот менаџер на универзитетот – м-р Сефер Цаноски.

„Договорот од Преспа во кој медијаторите вложија огромна енергија, го гледам како исклучителен процес кој заслужува да биде номиниран за Нобеловата награда за мир. Генералниот секретар на ОН Гутереш истакна дека тој договор може да биде пример за решавање на сите проблеми во Светот… Договорот од Преспа е процес кој заслужува да биде награден“, истакнува нобеловката.

Денеска Бушамауи, Ружин и Колуглу ќе бидат примени и од министерот за надворешни работи – Никола Димитров, од претседателот на Собранието – Талат Џафери, а ќе имаат средби и со сите пратенички групи во парламентот. На 19-ти, ден по церемонијата во Скопје, Бушамауи, Ружин, Цаноски и Колуглу заминуваат во Атина, каде ќе се сретнат и со грчкиот премиер – Алексис Ципрас, за официјално да му ја соопштат иницијативата.

За заслугите на Уидед Бушамауи кои ѝ ја донесоа Нобеловата награда за храброст и мир, прочитајте на „Дојче веле“.

- Реклама -