Грчки „Скај“: Нимиц интервенирал кај Заев да се држи до одредбите од Преспанскиот договор

Специјалниот претставник на ОН – Метју Нимиц, наводно интервенирал кај премиерот Зоран Заев и македонската влада да се држат до одредбите од Преспанскиот договор, објави денеска грчки „Скај“, пренесува Фактор.мк.

Како што наведува порталот, причината за реакцијата била индиректна референца на премиерот Заев дека „Македонците“ во Грција, според Договорот од Преспа, ќе имаат можност во Грција да учат на „македонски“ јазик (наводниците ги пренесуваме изворно од грчки Скај).

Сé уште не е јасно на која конкретна изјава се мисли при овие поплаки на Атина и за што конкретно реагирал Нимиц, но оттаму велат дека во случајов се работи за пласирање на иредентистички сигнали од страна на „соседната земја“.

Од „Скај“ истакнуваат и дека владиниот портпарол Миле Бошњаковски избегнал да даде коментар, но дека за „Дејли“ истакнал дека „не постојат одредби во Преспанскиот договор што го утврдуваат правото на употреба на јазиците во двете земји“.

Денеска изјава на иста линија со поплаката од Атина даде и грчкиот претседател Прокопис Павлопулос при средбата со словенечкиот колега – Борут Пахор, кој е во посета на Грција.

„Пред ратификацијата и во пресрет на дефинирањето, нема да прифатиме своеволни толкувања на Договорот од Преспа“, порача грчкиот претседател коментирајќи ги „неодамнешните изјави на функционери од поранешната југословенска Република Македонија“, пренесува МИА.

„Не сме подготвени во пресрет на дефинирањето и пред неговата ратификација да прифатиме толкувања на Договорот од Преспа кои што се своеволни и уште повеќе кога тие зрачат иредентизам. Потребна е голема внимателност од страна на соседната земја во целиот тек бидејќи уште ништо не е завршено. Тоа е јасно од наша страна и ќе кажам уште еднаш, како што велиме ние Грците, чистата сметка, парави добри пријатели“, рекол Павлопулос (повеќе ТУКА).

 

- Реклама -