Ривалот на Tesla – американската компанија Nikola Motor, објави фотографии и технички детали за моделот „TRE“ – камион-шлепери со погон на водород, кои веќе во следната деценија, според компанијата, ќе крстарат по европските патишта. Моделот ќе биде наменет исклучиво за европскиот пазар.
За разлика од камионот Tesla Semi, кој се движи со помош на електромотор и погонски батерии во кои е складирана електричната енергија, камионите кои го проектира Nikola Motor ќе користат водородни горивни ќелии и ќе ја генерираат електричната енергија потребна за придвижување на камионот – во самото возило.
Новиот камион Nikola TRE првото тест возење ќе го има во 2020-та, а во продажба би се нашол во 2022-2023 година. Моделот ќе се нуди во повеќе погонски конфигурации, со моќ од 500 до 1.000 коњски сили. Во зависност од верзијата, Nikola TRE со полн резервоар ќе може да помине од 500 до 1.200 километри.
Од компанијта велат дека камионот ќе биде опремен со автопилот системи кои ќе му овозможат целосно автоматизирано возење.
Засега производителот не ги обелоденува плановите за тоа каде ќе го произведува Nikola TRE, но најави дека е во потрага по соодветна локација во Европа за изградба на фабрика во која тоа ќе се прави.
Сега засега, фотографиите што компанијата Nikola ги објавува се само компјутерски рендерирани модели на TRE, а премиерата на прототипот е најавена за април 2019-та.