Американското повлекување од договорот за нуклеарно разоружување ќе доведе до трка во наоружување и до исклучително опасни ситуации, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Тој предупредува дека европските земји/нации кои дозволуваат и ќе дозволат распоредување на американски ракети на свое тло, мораат да сфатат дека ја изложуваат својата територија на закана од можен руски одговор, и дека руските ракети ќе бидат вперени во нив.
„Не разбирам зошто треба да ја ставиме Европа во таква смртна опасност“, продолжи Путин. „Не гледам причина за тоа… Сакам да повторам: Тоа не е наш избор. Ние не го сакаме тоа“, рече рускиот претседател, пренесува Al Jazeera.
Путин не е оптимист за иднината во која САД ќе се повлечат од договорот за ограничување на нуклеарните сили со среден домет.
„Ако таквите договори се раскинуваат, тогаш не останува ништо во поглед на ограничување на вооружувањето. Ситуацијата ќе биде, сметам, исклучително опасна. Нема да остане ништо друго освен трките во вооружување“, изјави Путин на новинарскиот прес по состанокот со италијанскиот премиер Џузепе Конте.
Сепак, Путин изрази надеж дека за овие прашања ќе разговара лично со американскиот колега Доналд Трамп во Париз, каде на 11 ноември ќе присуствуваат на комеморацијата по повод 100 години од завршувањето на Првата светска војна.
Нуклеарниот договор, од кој Трамп најави повлекување на САД, е потпишан пред 30 години, во советско време. Со договорот се забранува цела класа оружја – секаков вид на крстосувачки ракети лансирани од земја, а со домет од 500 до 5.500 километри. Договорот беше потпишан во 1987 година, од Роналд Реган и Михаил Горбачов.