Сибирските научници, со поддршка од Рускиот фонд за фундаментални истражувања, почнаа да работат на разивање на достапен лек за имунотерапија на онколошки болести.
Механизмот на делување на имунотерапијата се базира на откритијата на научниците – добитници на Нобелова награда за медицина за 2018-та, вели шефот на лабораторијата на Институтот за хемиска биологија и фундаментална медицина при сибирскиот огранок на Руската академија за наука – Дмитриј Стеченко.
Лауреатите Џејмс Алисон и Тасуки Хонџо Нобелот го добија поради нивниот пристап во лечењето на ракот кој принципиелно се разликува од хемотерапијата и радиотерапијата. Нивниот метод се базира на фактот што клетките на ракот ја спречуваат активацијата на лимфоцитите задолжени за борба против туморот, со што клетките стануваат отпорни на имуниот систем на човекот. Алисон и Хонџо, меѓутоа, развија метод за борба против таа појава, преку инхибирање на „контролните точки“ низ кои човечкиот имунитет мора да помине за да го вклучи механизмот за уништување на туморот.
„Темата на нашиот проект е директно поврзана со работата на добитниците на Нобеловата награда за медицина. Ние ги истражуваме истовремените ефекти врз неколку молекуларни мети кои се наоѓаат во клетките на имуниот систем и се одговорни за препознавање на клетките на ракот. Планираме синтетизирање на вештачки молекули, чија задача би била да ги блокираат клучните ‘контролни точки’ и со тоа да ја повратат способноста на Т-лимфоцитите да ги напаѓаат клетките на туморот“, објаснува Стеченко.
Стеченко додава и дека постојат низа препарати за имунотерапија на ракот кои се базираат на моноклонски антитела, односно протеински молекули способни да ги блокираат ‘контролните точки’ одговорни за имуносупресија, но лечењето со таквите препарати во моментов сé уште е многу скапо. Затоа целта на Стеченко и неговите колеги, е да ги направат таквите препарати, или таков препарат, достапни за широка употреба.
„Целта на нашиот проект е разработка на пристап на производство на лекови против рак кои ќе бидат најмалку еднакво ефикасни како моноклоналните антитела, а кои ќе бидат достапни за широк спектар на пациенти заболени од рак“, појаснува Стеченко.
Покрај Институтот за хемиска биологија и фундаментална медицина, во проектот учествуваат и Научно-истражувачкиот институт за клиничка и фундаментална имунологија при сибирскиот огранок на Руската академија за медицинска наука (SO RAMN) и Институтот за цитологија и генетика (SO RAN). Проектот е поддржан од Рускиот фонд за фундаментални истражувања, во период од 3 години.
виа Sputnik