Можеби сте чуле, а можеби и не, ама патувањето со воз во Британија може да е неверојатно скапо. Лани, да речеме, го имавме примерот на Британецот што патуваше од Њукасл до Лондон преку Шпанија, зашто му било поевтино одоколу со авион, отколку директно со воз. Еве сега уште една слична ситуација.
27-годишниот Tom Church од Лондон сакал да посети пријател во Бристол, што е на само 160 километри оддалеченост, ама се извадил од такт кога видел дека карта за воз ќе го чини 218 фунти (311 долари, т.е. 15.530 денари!). Решил да побара поевтина алтернатива, и по кратко истражување сфатил дека подобро ќе му биде да купи половен автомобил, макар и да го искористи еднократно, само за тоа патување.
И нашол. Од една дама, со која искомуницирал преку онлајн огласи, купил Honda Civic од 1997 година, но во исправна состојба. За самата кола платил само 80 фунти (5.700 денари), данок за патишта уште 81.3 фунти, 20.43 фунти за еднодневно осигурување, и уште 25 фунти за гориво. Сé на сé, го чинело нецели 207 фунти, со тоа што за разлика од билетот, автомобилот ќе му остане и за другпат, нели, со можност да ја продаде.
„Да, пак е скапо. Ама поентата е да покажам колку луди се цените за воз овде“, вели Том. „Некогаш мораш да мислиш надвор од рамките за да заштедиш“.