Фудбалот уште има душа, а ова е сликата што тоа го докажува

Зад навивачите на Рома е бессоната ноќ во која го шокираа светот со еден од најголемите пресврти во модерната ера на европскиот фудбал и ја исфрлија Барселона (3:0) по поразот од 4:1 во првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите.

Симболично е што баш во Рим, каде пред 9 години победнички и во славје го подигна највредниот клупски трофеј, Барселона конечно го заврши долгото патување на бегањето сама од себе.

Де Роси како лице на триумфот

Секој неутрален навивач синоќа лесно го чувствуваше задоволството од потфатот на Рома. Иако одамна е дел од болното ткиво на модерниот фудбал како и другите врвни клубови, постои нешто во пеколната атмосфера на Олимпико и експлозијата на емоции по погодоците кои барем накратко му даваат душа на херметички затвореното и духовно кастрирано натпреварување како што е ЛШ.

„Во Рома е 18 години. Има играно во 8 кампањи во Лигата на шампионите но никогаш го нема поминато четвртфиналето…
Денеска, неговиот тим го запре Лионел Меси и Барселона, а ТОЈ постигна еден од головите.
Капитенот на Рома, Даниеле Де Роси!“

Даниеле Де Роси го има она нешто што нас нé потсетува на некои други времиња – дрскост и бескомпромисност на границата на насилството, било да се работи за закани со палка кон соиграчите кои користат Инстаграм во соблекувалната, било да се работи за она искрено и неоптоварено славје затоа што победил. Но не за било кој, туку само за својата Рома. Лесно е да го замислите како роден два милениума порано, како јуриша на коњ со високо подигнат меч урлајќи „Roma victor!“ и газејќи сé пред себе.

Славјето на Де Роси во една слика доловува зошто фудбалот и натаму, покрај сите свои мани и ексклузивност, е најслаткиот опиум за најшироките маси.

Ди Франческо не го загуби ни првиот натпревар, а во овој сé тоа го наплати

Високите 4:1 со кои Каталонците дојдоа на реваншот не се реален одраз на силите и случувањата на Камп Ноу. Ако ги ставиме настрана автоголовите и судиските грешки на штета на гостите, Рома беше многу порамноправен противник отколку што сугерира резултатот. Барселона имаше сјајни реакции во критичните ситуации, но Ди Франческо во двата натпревара покажа дека зонски поставениот блок кој не дозволува додавање кон Меси е рецептот за кој статичниот фудбал на Барселона нема решение. Освен ако тоа не е самиот Меси, а дури ни тој не е семоќен. Синоќа ја направи клучната промена, поставувајќи 3-5-2 формација. Со тоа доби стопер плус кој може поагресивно да излезе на Меси, не оставајќи зад себе простор кој може да се искористи. Исто така, „продолжувањето“ на задната линија им даде на Коларов и Флорензи можност едноставно и ефективно да ги блокираат играчите на Барселона кои во тесно поставениот 4-4-2 состав се единствени вентили во нивната игра, без кои таа се гуши самата во себе во недостаток од било каква ширина. Планот во нападот на домаќините беше релативно едноставен – фактот што Суарез и Меси не играат одбрана го користеа така за да ја навлечат линијата за врска на Барселона кон себе, а потоа со директни вертикални додавања да се обидат брзо да ја искористат дупката зад нивните грбови. Кога на тоа ќе се додаде и малку среќа, неверојатно ефикасниот Един Џеко, и фанатичното темпо до последната минута, тогаш оправдано е да се очекува чудо.

Прочитајте и:  Винисиус се повреди, ќе го пропушти мечот со Ливерпул во Лигата на шампионите

Од Рим до Рим – бегството на Барселона од својата ДНК

Пред помалку од 9 години, Барселона ја освои Лигата на шампионите во сјајното финале против Манчестер Јунајтед. Беше тоа конечна потврда дека “Xavi-Iniesta-Messi Barcelona“ се подготвува да стане една од најдобрите и најдоминантни клупски екипи на сите времиња. Притоа не беа импресивни само победите и титулите, туку и начинот на кој доаѓаа до нив. Веројатно ниту една екипа претходно и потоа не оддавала впечаток дека во секој натпревар од сезоната совршено го контролираат просторот, времето и топката, знаејќи што треба со неа да прават во секој момент. Фудбалот во кој секоја алка имаше совршено соодветна и дефинирана улога не без причина стана „влажен сон“ и идеал на генерацијата „лаптоп менаџери“ – чистината на фудбалот и исправноста на секој потег на Барса ја откриваше, појасно отколку било кој друг тим пред и после, логиката на фудбалската игра. Каталонската гордост – педигрето на Мишелс-Кројф, стана најпрепознатливата фудбалска ДНК.

По 4 години, Барселона почна да го запоставува тоа што ја доведе во близина на совршенството. Заминаа и Пеп и мнозинството стожери, се промени начинот на размислување во Ла Масија и во спортската политика на клубот, а играта сé повеќе се потпираше на надпросечниот талент на скапоцените засилувања или постоечките играчи (тројката MSN), вон габаритот на смислениот состав на играта. Од перфектниот колектив кој на секој играч му овозможуваше максимална комфор зона и го оптимизираше неговиот учинок, Барселона стана „само“ група од неверојатно моќни поединци. Тешко дека на било кој друг освен на најзакоравените пуристи тоа им беше важно кога таквиот состав ја освои тројната круна, но Барса ја изгуби магијата. Поразите во ЛШ од ПСЖ, Баерн, Рома или Јувентус станаа сосема нормална појава. Ако Меси или Суарез баш тој ден не се абнормално инспирирани, тешко е да се изгледа цел натпревар на Барса без да се заспие од досада. Огромната предност на врвот на Примера веројатно е најдобриот пример за тоа колку резултатот во фудбалот може да лаже. Единствената вистинска разлика меѓу Барселона-та што ќе стане првак и онаа која одамна ја изгуби таа надеж е тоа што во екипата има еден од најдобрите играчи на сите времиња.

На патувањето меѓу двата Рим-а, Барселона се изгуби сама себе. Престана да биде оној фудбал и идеја која е вткаена во нејзината фудбалска ДНК. Почна да бара кратенки, да купува квалитет без создавање, и да победува без игра. Не е ни таквиот светоглед нужно непродуктивен, но тоа е игра која ја играат сите „големи момци“ во светскиот фудбал. Во оној момент кога се впушти во таа игра, Барселона ја изгуби својата компаративна предност. Нејзиното тажно лице на насловните на италијанските весници не е тоа на екипа која загубила фудбалски натпревар, туку на екипа која се загубила самата себе. Кренатите раце на Де Роси, од друга страна, служат како совршен контраст – во двобојот на двете екипи победи таа која остана верна на себе.

Index.hr

- Реклама -