Русија протерува 60 американски дипломати?

Русија ќе протера 60 американски дипломати како одговор на неодамнешната одлука на Вашингтон да протера исто толку руски дипломати поради случајот „Скрипал“, a ќе биде затворен и американскиот конзулат во Санкт Петербург, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Агенцијата РИА јавува дека Американците, 58 дипломати од Москва и двајца од конзулатот во Санкт Петерсбург мора да ја напуштат Русија до 5 април.

– Амбасадорот на САД во Русија, Џон Хантсман денеска беше повикан во нашето министерство каде мојот заменик, Сергеј Рјабков му ги образложи реципрочните мерки кон САД. Овие мерки подразбираат протерување на еднаков број на дипломати и нашата одлука да се повлече согласноста за работа на Генералниот конзулат во Санкт Петерсбург- рече Лавров.

Ова е прва реакција на Русија откако повеќе од 25 земји протераа руски дипломати во знак на солидарност со Велика Британија по труењето на поранешниот двоен руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. Тие на 4 март беа најдени онесвестени на клупа во Солсбери, јужна Англија. Според последните информации состојбата на Јулија се подобрува, додека нејзиниот татко сè уште е во критична состојба. Велика Британија соопшти дека тие се отруени со нервниот гас „новичок“ и обвини дека зад нападот стои Русија. Москва ги отфрли обвинувањата и бара цврсти докази од Лондон.

Прочитајте и:  Медиуми во ЕУ: Путин го пречекори опасниот праг

Лавров најави дека ќе преземе реципрочни мерки, во смисла на бројот на персонал, кон сите држави кои протераа вработени во дипломатските мисии на Руската Федерација.

– Повторно побаравме од Лондон да ни овозможи конзуларен пристап на Јулија Скрипал, како на руски државјанин, бидејќи брзо се опоравува.Се надеваме дека британската страна ќе успее да ги исполни своите обврски кон Конзуларната конвенција и Виенската конвенција за дипломатски односи- рече Лавров.

- Реклама -