Гамбија ќе воведува гласачки ливчиња, а локалните избори во април и мај се последните на кои се користеше традиционалниот и ептен уникатен гамбиски систем на гласање – со џамлии.
Да, со џамлии, добро читате. Гамбија го воведе уникатниот систем во 1960-тите со цел да спречи избирачки неправилности, но и да му овозможи учество на изборите и на неписменото население.
Џамлискиот систем на гласање
На секој гласач претставниците на општинската изборна комисија, откако ќе го верификуваат неговиот идентитет, му доделуваат по една џамлија за гласање. Гласачот се повлекува зад параван, каде се наоѓаат буриња со залепени фотографии од соодветните кандидати.
Кога гласачот ќе го избере својот кандидат, ја пушта џамлијата низ мал отвор на врвот на бурето. Избирачките претставници слушаат внимателно дали и колку пати ќе одекне ѕвончето поставено на крајот на цевката во бурето низ која паѓа џамлијата. На дното на бурето, пак, се става малку песок, за да не се чуе втор звук кога ќе падне џамлијата. Така изборната комисија се погрижува никој да не гласа повеќе од еднаш.
А броењето на гласовите е неочекувано брзо, со оглед на примитивноста на системов за гласање; џамлиите се редат во „послужавници“ со по 200 или 500 дупки, и потоа така се бројат. Резултатите се соопштуваат веднаш штом гласовите се избројани.
Зошто Гамбија се простува од џамлиите?
Прво, се разбира, за конечно да фати чекор со светот. Со промената во начинот на управување, Гамбијците конечно добија повеќепартиски систем, а тоа значи дека за сите избори ќе им требаат многу буриња и многу боја за да се обојат во разни бои, не само за секоја партија, туку и за секој независен кандидат посебно.
Кратко речено, сега кога имаат повеќе кандидати на избори, за Гамбијците е многу поевтино да гласаат со гласачки ливчиња, отколку со џамлии, затоа што логистиката за овие вториве е далеку покомплицирана и поскапа.