Среќен Валентајн, самохрана мамо!

Според британската Clinton Cards – компанија што изработува честитки по разни поводи, сé повеќе расте продажбата на честитки за Св. Валентајн наменети од деца до своите „сингл“ родители, и обратно.

Продажбата на семејните честитки за Денот на вљубените расте со околу 20% секоја година, велат од компанијата, која годинава продаде рекорден број такви.

 

Ова е резултат, меѓу другото, и на еден друг општ тренд во модерното општество – стапката на мажени жени во Британија падна под 50%, и тоа е првпат да биде толку ниска. „Само“ 49.9% од жените над возраст од 16 години лани рипнале во тавче, покажуваат официјалните статистики. Само нешто повеќе од половина од мажите (51.9%) се женети.

Имајќи ги таквите бројки во предвид, кои горе-доле го опишуваат не само британското туку и генерално гледано модерното општество, разбирливо е зошто членови на семејството би се обидувале да им покажат дека се сакани и на други членови од своите семејства кои останале сингл.

Но, експертите предупредуваат на очигледното – дека испраќањето љубовни честитки до сингл родители и деца може да вроди со повеќе штета отколку со плод. Ако честитката е сфатена како гест од сожалување, тоа нема да резултира со убаво чувство. Плус, постои опасноста дека лицето веќе се чувствува тажно од самиот факт што се сингл на страшно популаризираниот празник на вљубените.

Иако овој заклучок би требало да биде резултат на здрав разум – да бидеш свесен за емоциите на другиот и ефектот од твоите постапки, изгледа на многумина тоа не им оди од рака. Според податоците на Clinton Cards, еден од 10 луѓе на возраст од 45 до 54 години му испраќа честитка за Валентин на своето дете (мајките имаат дупло поголема тенденција од татковците). Што се однесува до обратната релација, младите на возраст од 18-24 години имаат најголема тенденција да им испратат честитка на своите сингл родители. Годинава тоа планирале да го направат 14% од нив.

Како што рековме, процентиве секоја година растат. Што е уште еден индикатор за тоа како еден обичен навидум невин и убав празник може да наметне притисок врз повеќе слоеви од општеството, и пред сé, да ви извлече уште малку пари од џебот.

- Реклама -