Еркан Арапи денес е шведски државјанин и живее во Стокхолм. На крајот на секоја од последниве неколку години, Арапи се претвора во Дедо Мраз.
Арапи е Такси Дедо Мраз – се баво со превоз на деца и стари лица, како и достава на подароци директно до куќниот праг.
Тој е еден од вкупно 25-те Дедо Мразовци вклучени во акцијата, која постои со цел да ги инспирира жителите на Стокхолм и да им донесе радост во прославата на претстојните празници.
Арапи вели дека до работава стигнал со љубов. Еве на што мисли:
„Девојка ми која ја запознав во Косово беше од Шведска. Заради неа и се доселив тука, уште во 1994 година. Врската, за жал, на крајот не успеа, но сепак одлучив да останам во оваа прекрасна земја“, вели тој.
Денес Арапи ја смета Шведска за своја татковина, и чест му е да биде Дедо Мраз.
„Тоа што сум Дедо Мраз таксист во изминативе 10 години ми овозможи да ги запознаам навиките кои Швеѓаните ги имаат во текот на новогодишните и божиќните празници. Кога е во прашање прославата на Божиќ, Шведска многу се разликува од Косово, но и двете земји се убави на свој начин. За време на празниците особено ми е драго да гледам како Швеѓаните своето време го посветуваат на семејството, и баш тоа е вистинскиот дух на Божиќ“.
„Ја сакам енергијата што ми ја носи оваа работа. Ова е најсреќната професија на светот – да се биде Дедо Мраз таксист во Шведска за мене е голема награда. Работата со најмладите носи посебна радост, а и тие сметаат дека мојата работа е најважна на светот“.
Арапи додава дека децата на кои им доставува подароци често го изненадуваат со својата остроумност и мудрост, па често му поставуваат и некои зезнати прашања на кои тешко се одговара, особено кога си Дедо Мраз.
„Неодамна едно девојче ме праша колку сум стар. Се извадив дека сум толку стар што веќе не си ги памтам годините“, радо се потсетува Арапи.