Фатени на дело: Apple намерно ги успорува старите Ајфони

Тоа што корисниците на Apple долго го насетуваа, конечно е потврдено, практично со признание од самата компанија откако беше дотерана во ќош.

Почна со еден корисник кој се пожали дека неговиот iPhone 6, купен пред 3 години, од неодамна станал навистина бавен. Кога ја инсталирал апликацијата CPU DasherX (за дијагностика на процесорот и перформансите), му покажала дека телефонот му работи во underclock-уван режим (обратно од overclock), т.е. перформансите на процесорот му се софтверски снижени на брзина од 600 мегахерци, за разлика од фабричките 1400 MHz. Откако корисникот ја сменил батеријата на iPhone-от со нова, CPU брзината се вратила на фабричките 1400 MHz.

Во обид да се одбрани дека успорувањето на старите Ајфони нема никаква корелација со излегувањето на нови модели, Apple практично потврди дека се работи за намерна одлука, и тоа не баш најдобрата, барем не по џебот на корисниците.

Добро почнаа:

„Нашата цел е да им се овозможи најдоброто можно искуство на корисниците, што подразбира генерални перформанси И продолжување на животот на нивните направи…“

Ама…

Нивното образложение е дека литиум-јонските батерии со текот на времето ја губат својата способност да ја испорачаат целата електрична побарувачка потребна за работа на процесорот при максимална оптовареност, особено во студени услови или кога батеријата е полупразна. Во таков случај, ако Ајфонот работи со полна моќ, веројатно е да дојде до ненадејни исклучувања на направата, кои потоа можат и трајно да ги оштетат електронските компоненти. Затоа Apple ги програмира Ајфоните „вештачки“ да ги намалат перформансите кога батеријата веќе не работи во својот некогашен капацитет, за да може да постигне и да се спречат тие ненадејни, потенцијално опасни и крајно иритирачки исклучувања.

Иако Apple има своја фан база што е спремна да оправда буквално сé што ќе направи компанијата, многу од корисниците не паднаа на форава. Според нив, Apple можеле да смислат многу подобри решенија. Едно од нив би било тоа да е сетинг видлив и менлив од страна на корисникот, или пак, во најмала рака – корисникот да добие нотификација од самиот Ајфон дека батеријата не постигнува, и дека перформансите на телефонот ќе бидат вештачки ограничени. Така корисникот е информиран дека ако ја смени батеријата, перформансите ќе се вратат на фабричките, и со тоа има избор – тоа да го направи, или да продолжи да го користи Ајфонот со брзина од 600 MHz ако тоа не му пречи.

Проблемот со „ќутенката“ однесувањето на Apple – кога „вештачки“ ти го успоруваат Ајфонот без твое знаење, е што ги измамува корисниците да мислат дека на телефонот му прошло времето и дека најдобро решение им е да си купат понов модел, без да имаат појма дека доволно е и само да му сменат батерија…

Сума сумарум, Apple призна дека намерно и зад грбот на корисниците ги успорува постарите модели. Дали тоа го прават за доброто на корисниците, или како фора за да продаваат повеќе нови модели? Одговорот зависи, главно од тоа колку им верувате.

Патем, оваа карактеристика – underclocking-от, според Apple, е вградена во iPhone 6, iPhone 6s and iPhone SE, ама воведена е и во iPhone 7 со iOS 11.2, a се планира да се воведе и во другите продукти во иднина.

- Реклама -