Непишано правило е дека задниот дел на автомобилите треба да биде симетричен во основа на замислената оска која поминува низ средината. Евентуалните отстапки обично се однесуваат на положбата на ауспухот, логото (се разбира) и други мали детали.
Land Rover, како што знаете, не се придржува до тоа правило, па со моделот Discovery, конкретно со вратата на гепекот, останува верен на својата асиметрична традиција. На првите генерации на теренецот, оваа „аномалија“ беше делумно затскриена со резервното тркало на задниот дел на возилото. Подоцна тркалото е тргнато од таа позиција, ама асиметричната врата остана како заштитен знак на Discovery.
Асиметријата е присутна и на најновата петта генерација, но овојпат е помалку забележлива бидејќи ја опфаќа само позицијата на регистерската табличка. Сепак, се чини, на многумина им пречи дури и таквото дизајнерско решение.
Настрана коментарите по социјалните мрежи и вечните мрчатори, меѓу нив се најде и германската тјунерска компанија Startech која на купувачите на Land Rover им понуди да им ја корегира „фабричката грешка во дизајнот“ и да го направи потполно симетричен. Услугата е соодветно и зајадливо именувана – „Discovery of Symmetry“, а заинтересираните ќе ги чини 809 евра.
Вие што викате, што е подоброто: симетрија, или асиметрија?