Една од основните карактеристики на Apple се нивните астрономски цени. Но, плаќањето 2.000 евра за лаптоп чиишто перформанси можат да бидат достигнати од друг производител за цена под илјада евра не е ниту приближно најскапото нешто што излегло од оваа компанија…
Најскапите нешта продадени од Apple всушност се предмети продадени на аукции. Цените платени за нив се исклучително високи, што е и за очекување.
Кутијата за алати на Стив Возниак- 5,5 илјади евра
Во седумдесеттите, ваквите кутии биле заштитен знак на сите инженери вработени во Apple. Но, оваа е особено позната, бидејќи му припаѓала на славниот Стив Возниак (неговото име е на жолтата лента). Томас Лиџет Јуниор, работник на Apple со број 114, кој подоцна станал вистински колекционер на фрлените предмети од компанијата, го прашал Возниак дали може да си ја земе исчуканата кутија за алати. Откако добил дозвола, ја однел дома и по речиси три децении успеа да извади повеќе од 5 илјади евра за предмет што денес не вреди повеќе од 15 евра.
Првиот знак на фирмата – 14 илјади евра
Овој знак од плексиглас, со дрвена рамка, пред три децени бил фрлен во контејнер. Лиџет, го собрал и знакот и го однел во неговиот дом, каде што стоел до 2008 година, кога беше продаден за 14 илјади евра.
Логото креирано од Енди Ворхол – 20,5 илјади евра
Кое било парче од Ворхол сигурно ќе ве чини многу пари, но логото што го нарачал тогашниот директор Дел Јокам се продаде на аукција во мај, 2009 година, за преку 20 илјади евра.
Компјутерот Apple I – 297 илјади евра
Првиот производ на Џобс и Возниак, компјутерот Apple I, оригинално се продавал за 530 евра. Денес се преостанати околу 200 примероци и ако сте сопственик на еден, можете да добиете и до 20 пати поголема сума. Но секако, апсолутен рекордер е функционалниот модел кој се продаде во аукциската куќа Сотби, за речиси 500 пати повисока цена.
Основачките документи – 1,25 милиони евра
Документите со кои била основана моментално највредната компанија на светот денес вредат колку 8.000 iPhone телефони. Трите страници на кои се потпишани Стив Џобс, Стив Возниак и Рон Вејн, на 1 април 1976 година, ја достигнале астрономската цена на наддавањето, иако првично биле понудени за „само“ 55,5 илјади евра. Според овој договор, Џобс и Возниак добиле по 45% од компанијата, додека Вејн имал 10%. Најинтересно е тоа што по само 11 дена, Вејн се повлекол и се откажал од сопственоста. Денес, неговите акции би вределе речиси 50 милијарди евра.