На посебна манифестација организирана во Берлин специјално за него, Volkswagen ја претстави новата, седма по ред генерација на Golf.
Под мотото „Клучот за перфекцијата”, новата генерација на Голф блесна со сите свои атрибути пред многубројните присутни гости во берлинскиот национален музеј на уметностите. Дизајнот, како што знаевме, му е еволутивен, со јасна порака дека продолжува по стапките на досегашните шест генерации, кои за 38 години се продадоа во повеќе од 29 милиони примероци.
Поставен на модуларната MQB платформа, Golf VII е долг 4.255, широк 1.799 и висок 1.452 mm, што значи дека е за 56 mm подолг, за 13 поширок и за 28 милиметри понизок од сегашната генерација. Меѓуоскиното растојание му е зголемено за 59 mm и сега изнесува 2.637 милиметри, а за 8, односно 6 mm се зголемени и трагите на тркалата напред и назад, од што директно профитираат просторот во кабината и багажникот, кој сега е поголем за 30 литри и располага со вкупно 380 dm³.
При самото проектирање на возилото многу се внимавало на тежината, која со бројни мерки е намалена и до 100 kg во однос на сегашната генерација. Како директен резултат на тоа, потрошувачката на гориво која во просек е намалена за 13,9%, кај некои моторни верзии е помала за речиси четвртина.
Сега засега, од дизел моторите на располагање ќе бидат 1,6 и 2,0 литарските TDi мотори со 105 и 150 KС, додека бензинската моторната понуда се состои од два TSi мотора, малиот 1,2 литарски со 85 KС и современиот 1,4 литарски со деактивација на цилиндрите и 140 KС, познат од Polo BlueGT, кој, спарен со седумстепен DSG менувач, ќе може да помине 100 km со само 4,8 литри, притоа испуштајќи 112 g CO₂ во атмосферата.
Во блиска иднина моторната понуда ќе биде проширена со нови три и четирицилиндрични турбо бензински и дизел мотори, а веќе во 2013 година ќе започнат да се појавуваат и неговите еколошки верзии – со погон на природен гас, хибридни електрични.
Производството на новата генерација на Голф започна уште на почетокот на август во фабриките на Фолксваген во Волфсбург и Цвикау, заради тоа што веќе во ноември ќе се најде во продажба на големите европски пазари.
Објавено во соработка со Авто Плус.