Репетитивните физички движења при муслиманските молитвени ритуали, кога правилно се изведуваат, го намалуваат ризикот од болка во долниот дел на грбот, покажува едно американско истражување.
„Тивката молитва ја намалува физичката и психичката тензија, а при правилна положба на колената и зглобовите, постојаните движења делуваат како клинички вежби“, сугерираат истражувачите.
При клањањето, муслиманите просечно дневно изведуваат околу 25 разновидни, прецизно утврдени и систематизирани движења, кои на телото и ‘рбетот му носат по околу час и пол активни вежби.
„Кога подобро ќе ги погледнете тие движења, ќе заклучите дека се многу слични со оние кои се практикуваат во јогата или физикалната терапија, а целта им е да ја ублажат или намалат болката во грбот“, вели коавторот на студијата – проф. Мохамад Касавне.
До овие заклучоци Касавне и неговите колеги дошле со следење на движењата при молитва кај здрави мажи и жени, со помош на 3D техника.
„Нашето истражување покажува дека молитвените ритуали можат да бидат добра вежба кај невромускулоскелетните дисфункции“, вели Касавне.
Сите овие движења комплетно ја зголемуваат подвижноста на зглобовите, ги зајакнуваат мускулите, ја подобруваат координацијата на движењата, општата издржливост на организмот, ја подобруваат циркулацијата и метаболичките процеси, пренесува Independent, меѓу другите.
Статијата, патем, е насловена „An ergonomic study of body motions during Muslim prayer using digital human modelling“, и е објавена во International Journal of Industrial and Systems Engineering.