Гласините дека Lamborghini може да пушти подостапен модел, се на пат да се остварат. Шпекулациите за „буџетско Ламб“ се „вртат“ веќе една година, но сега шефот на компанијата, Стефано Доменикали, потврди дека тоа може да се случи навистина.
– Дури и кога станува збор за супер спортски модели, треба да признаеме дека вистинскиот пристап е употребата на модуларна платформа, објасни поранешниот шеф на тимот на Ferrari во F1. – Апсурдно е да имаме два модели со два различни мотори, два менувачи две шасии … Треба да размислиме добро по ова прашање.
Ако големите шефови во Volkswagen ги одобрат плановите на Доменикали, тогаш во блиска иднина Lamborghini може да се здобие со модуларна платформа развиена од некоја од другите марки во концернот. Природно, „главниот осомничен“ е Porsche. Според гласините германската марка подготвува модел со мотор, лоциран пред задната оска, кој треба да биде лансиран во 2019 година. Се очекува дека неговото име ќе биде 960, а неговата платформа ќе се користи и за одделни модели на Lamborghini. Според Доменикали тоа може да се случи во 2022 година.
– Што се однесува до користењето на модуларната платформа за развој на моделите на Lamborghini и појавата на подостапен модел, тогаш одговорот е прилично позитивен – објасни Доменикали. – Но, тоа ќе зависи од пазарните успеси кои ќе ги постигне Urus, бидејки ние многу се потпираме на успесите на спортските и луксузни SUV модели.
Во 2016 година Lamborghini забележа 3.457 продажби, што е рекорд во историјата на брендот. Надежите се дека теренец Urus, чија премиера ќе биде на салонот во Женева, може да ги крене уште повисоко.