Горан Попов ќе игра во Англија како Бугарин?

Шансите за реализација на трансферот на Горан Попов од Динамо Киев во Стоук осетно се зголемија откако беше обелоденето дека македонскиот репрезентативец поседува и бугарски пасош.

Со оглед на фактот дека Бугарија е члена на Европската Унија, овој документ му овозможува на Попов без виза да влезе во Велика Британија и да престојува во „Големото кралство“, но македонскиот фудбалер сепак ќе треба да ја добие неопходната работна дозвола за да може да го комплетира трансферот во Стоук.

Англиските медиуми најавуваат дека законите на „Островот“ се многу поблаги кога станува збор за земјите од Европската Унија, па токму затоа шансите за Попов да се пресели во Стоук се многу големи. Рочиштето на кое што ќе се дискутира за жалбата на Стоук ќе се одржи утре, а информациите од таборот на англискиот премиерлигаш говорат дека менаџерот Тони Пулис е голем оптимист дека Попов ќе ја добие неопходната работна дозвола.

Прочитајте и:  Велика Британија одбива да коментира дали Украина користела „Сторм Шедоу“ проектили против цели во Русија

Само за потсетување, Динамо Киев даде зелено светло за заминување на македонскиот лев бек на едногодишна позајмица во Стоук, но трансферот делуваше невозможен поради очајниот рејтинг на Македонија на 102. место на ФИФА ранг-листата. Сепак, во ситуација кога поседува и бугарски пасош, Попов би можел да искористи некоја од „дупките“ во правилниците и да го реализира својот трансфер од соништата.

Доколку утре ја добие неопходната работна дозвола, Горан Попов веднаш би го комплетирал трансферот и би можел да дебитира за Стоук веќе следниот викенд, во пресметката со екипата на Арсенал.

Сепак, самиот факт дека еден од нашите најдобри фудбалери е принуден да се претставува како Бугарин за да си обезбеди трансфер во Англија е загрижувачки за целокупната јавност и е доволен доказ за состојбата во која што се наоѓа македонскиот фудбал во моментов.

- Реклама -