Пестицидите, демоните и епидемиите на самоубиства во Индија

10603510976_65b6c51848_k[1]

Растргнати во еден чуден судир помеѓу суеверието и науката, луѓето од Каргон – регион во централна Индија, се обидуваат да разрешат една прилично чудна и мрачна „епидемија”. Само во текот на изминатата година, во Каргон се регистрирани 381 самоубиства. Само во селото Бади, со население од 2.500 лица, се регистрирани 350 самоубиства за 20 години. Само во првите три месеци од 2016 година, во Бади дури 80 лица си го одземаа животот.

Мајката и братот на Раџендра Сисдија – актуелниот градоначалник на селото – исто така се самоубија. Сисдија е избран откако претходниот градоначалник – неговиот братучед – се обеси пред својот дом пред 2 месеци.

Што се крие зад овој бран од бизарни смртни случаи? Мислењата се поделени помеѓу „демонска опседнатост“, социо-економската нееднаквост и… пестициди.

Каргон е еден од најсиромашните и културно изолирани региони во земјата. Оттаму, фактот што многу од луѓето тврдат дека проблемот е резултат на немаштија и лошо здравство, не е изненадувачки.

„Депресијата не е нешто што луѓето тука знаат лесно да го препознаат. Кога не можат да откријат некоја посебна причина, тие го поврзуваат проблемот со необјасниви феномени, како што е опседнатоста со демони”, коментира Сиркант Реди – психијатар во Индоре.

Д-р Реди шпекулира дека нападите на депресија и шизофренија најверојатно се должат на прекумерната употреба на земјоделски пестициди.

„Депресијата може да биде предизвикана и од други проблеми, не само финансиски“, коментира психијатарот. „Пред неколку години, во еден регион во Кина се самоубија повеќе фармери. Неодамнешните студии открија дека инсектицидите кои се користеле таму содржеле силна токсична состојка – органофосфат. Токму таа состојка предизвикала депресивни ментални состојби“.

Истражувањето по нарачка на Светската здравствена организација, детално анализираше 10 селски општини во провинцијата Џаиѕан. Притоа беше откриена јасна поврзаност помеѓу луѓето кои имале полесен пристап до пестициди (особено органофосфати) и степенот на самоубиства и ментални болести. И други студии наидоа на таква поврзност, но засега научниците признаваат дека откривањето на реалните биолошки механизми што водат кон тоа не се многу јасни и остануваат контроверзни и противречни.

На позадината на сето тоа локалните очајно се обидуваат да најдат конкретен одговор на проблемот. Веќе е формирана и специјална комисија која е задолжена за целосна истрага на бранот самоубиства.

„Ситуацијата е навистина страшна и треба да дејствуваме брзо“, вели Ашок Верма – челник на комисијата. „На жителите им недостасуваат самодоверба и мотивација. Важно е да бидат посоветувани“.

- Реклама -