Да беше некаде на друго место па да се чудиме, ама во случајов луѓето од Кина се тие што се расположени да платат за да видат како е да умреш.
Во Шангај само што се отворија вратите на атракцијата наречена „Xinglai“. Во превод значи „разбуди се“ и да, навистина е пречекана како атракција.
Се работи за искуство кое на учесниците им овозможува да бидат „убиени“, потоа „кремирани“ и на крајот – „воскреснати“. Претходно, тие ги пишуваат своите „конечни тестаменти“ и своите „последни зборови“ и се поздравуваат со блиските „за навек“. Кога ќе ги тргнеме дрн-дрн-јарињата, во суштина се работи за лежење во топол ковчег.
Сеедно, тоа не е пречка за Xinglai да си најде свои приврзаници. Дел од нив (запази: „дел од нив“) сметаат дека е навистина интересно искуство и му дава можност на човекот да се смири и да се оддаде на подлабоки размислувања за животот. Истото го тврдат и претприемачите кои стојат зад бизнисот, а и што друго да речат: дека е глупост? Не дека тоа ќе ги спречи оние најупорните да платат 68 долари за да полежат во ковчег затоплен на 40 степени целзиусови и да се преправаат дека горат…