Зошто светот не се менува

changetheworld

Неодамна уште еднаш ми се потврди одговорот на прашањето „А кој те спречува да сонуваш?”. Тоа воопшто не ми се допадна!

Што всушност се случи… Седнав да изедам една чорба во едно кафанче близу мојата куќа и да се релаксирам по долгиот и малку повеќе од обично напорен ден. На масата до мене беше седнато едно девојче со своите мајка и баба.

Двете жени избезумено се обидуваа да го натераат детето да ги раскаже лекциите за следниот училишен ден, тука, среде локалот, напамет.

Не знам што се случи, очигледно девојчево не сметаше дека токму таму треба да се учат лекциите или пак едноставно во тој момент имаше други цели и стремежи кои жените ги немаа и не ги разбираа…

Во еден момент мајката со ужас извика:

„О, Боже! Што ќе се случи со тебе… та ти сакаш да го промениш светот?!“

Скоро да ми падна лажицата од шокот. Се свртев кон нив да ги погледнам, а тие го беа зграпчиле девојчето, го седнаа мирно на масата и потоа долго му објаснуваа нешто, постојано мафтајќи со учебниците како да сакаат да му ги сипат во главата…

Ќе запрам овде и ќе оставам секој сам да си извлече поука. Ако продолжам, сигурно нема да бидам објективен. Само ќе кажам, така умираат амбициите од типот „Ќе го сменам светот!“. Токму така и токму со нив, со родителите. Е затоа светот тешко се менува.

К.Б.

- Реклама -