Првите фотографии на новата верзија на Seat Ibiza Cupra веќе се на светските интернет страници. Од нив се гледа дека хечбекот речиси по ништо не се разликува од концептниот модел прикажан на салонот во Пекинг во април.
Првото што остава впечаток е дека постои одредена разлика во однос на претходната верзија. Напред очигледна е модификацијата во маската и светлата, со што е подобрен стајлингот. Задниот дел се одликува со нова оптика и дифузери. Во целост многу потсетува на стандардниот Seat Ibiza, само во вид на хечбек со 3 врати.
Внатрешноста на Seat Ibiza Cupra е со далеку поквалитетни материјали, модернизиран управувач, нова табла со дисплеј за контрола на климата и со портабл мултимедијален систем со 5-инчен екран.
Новата Seat Ibiza Cupra располага со 1.4 литарски бензински мотор TSI со моќност од 180 КС и 250 Nm вртежен момент и е во спрега со 7-степен автоматски менувач DSG. Забрзувањето до стотка е за 7.5 секунди, а максималната брзина е 225 km/h.
Објавено во соработка со Авто Плус.